Од „победник со победник“ до „лузер со лузер“

Принципот „победник со победник“, како modus vivendi за формирањето на владејачките коалиции, влезе во македонската политика во 2007 година, со т.н. Мајски договор. Го наметна ДУИ на Али Ахмети.



Претходно, веднаш по победата на изборите во 2006 година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја формираше својата прва влада коалицирајќи со партијата на Мендух Тачи, која изгуби на изборите. Тој „брак од интерес“ траеше кусо, колку еден меден месец, за потоа, под притисок на повеќе фактори и под закана од можна меѓуетничка криза, Груевски се согласи да склопи сојуз со победничката ДУИ.

Од тогаш до денес, партијата на Али Ахмети е постојано на власт. Прво во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а потоа со СДСМ.

Во предвечерјето на претстојните претседателски и парламентарни избори, соочени со фактот дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има висока и стабилна предност пред СДСМ, предност што води кон сигурна победа на парламентарните избори, челниците на владејачката коалиција и нивните поддржувачи од дипломатскиот кор во Скопје, смислија план за создавање т.н. санитарен кордон околу партијата на Христијан Мицкоски, што би ги намалил нејзините шанси да состави влада по победата.

Суштината на тој план беше сите албански политички партии да се стават под единствена команда и сите да ветат дека нема да коалицираат со партија којашто не гарантира „сигурна европска иднина“ на земјата. Јасно, идејата беше за таква да биде прогласена победничката ВМРО-ДПМНЕ. Па така, ако СДСМ баш и не успее да формира влада по принципот „лузер со лузер“, тогаш барем да предизвика сериозна политичка криза, за потоа да се бараат решенија и опции за опстанок на власт на т.н. европски фронт.

Ете, тоа беше планот.

Сум слушнал шпекулација дека во некоја пригода и Стево Пендаровски ја условил својата претседателска кандидатура со реализацијата на тој план – наводно, тој рекол дека услов да истрча на теренот е да нема Албанец противкандидат. За среќа, Стево често и лесно ги менува ставовите, со што веројатно докажува дека сепак е политичар, а не магаре.

За спомнатиот план зборувам во минато време, бидејќи тој, за среќа, веќе не постои.

Клучниот проблем на тој проект беше намерата да се спасуваат лузерите – партиите и политичарите коишто на овие избори ќе доживеат пораз. Дури и во земја со еден очигледен дефицит на демократски слободи, каква што е нашата, тоа е речиси невозможна мисија.

Од албанските опозициски партии се бараше да се постројат зад Али Ахмети, да се откажат од битката и да глумат статисти во една тажна драмолетка, чиј наратив би бил во име на „сигурната европска иднина“ да се жртвуваат изборниот процес и демократијата.

Каква е таа „европска иднина“, во која лидерите на партиите што ги губат изборите ќе бидат октроирани на функции во извршната власт, а сите албански партии ќе бидат обединети во едно трло, под команда на еден лидер кој владее веќе две децении и не трпи политичка конкуренција?

Што има „европски“ во една таква перспектива за Македонија?

Луѓето кај нас можеби веќе не се толкави ентузијасти за Европа како порано, но тоа само значи дека не се глупави и дека во меѓувреме ја видоа и другата страна на медалот.

Како и да е, тој план беше осуден на неуспех. Затоа што беше нереалистичен и неодржлив. Беше далеку под нивото на оваа каква-таква демократијата што сега ја практикуваме.

Тој план, едноставно, беше глупав.

Беше начнат кога албанската опозиција најави дека не се откажува од битката и дека ќе има свој заеднички претседателски кандидат.

Следниот удар беше кога се лиферуваа прилично уверливи шпекулации дека Бујар Османи би можел да биде претседателскиот кандидат на ДУИ, кој ќе се спротивстави на претседателскиот кандидат на албанската опозиција, а можеби дури и ќе биде заеднички кандидат на ДУИ и на СДСМ.

Проектот доживеа нокдаун кога ДУИ јавно го нападна претседателот Пендаровски за неговата одлука да не го потпише најважниотр законски проект на Мала Речица во овој момент – измените во законот за игри на среќа. Мој впечаток е дека Пендаровски пронајде casus belli, всушност. Некој мораше да навести дека од долго најавуваната предизборна колаиција на СДСМ и ДУИ нема да има ништо.

Конечно, откако албанската опозиција го номинираше Арбен Таравари за свој претседателски кандидат, Димитар Ковачевски експресно се огласи со најавата дека СДСМ ќе има „свој кандидат“ за претседател, а од Мала Речица стаса нова шпекулација, овој пат дека претседателски кандидат на ДУИ би можел да биде дури и Али Ахмети. Лично и персонално.

Во наредните денови се можни нови изненадувања, бидејќи партиите и политичарите коишто го туркаа глупавиот план за „обезвластување“ на победникот ВМРО-ДПМНЕ ( со поддршка на некои западни дипломати, морам пак да потсетам на тоа), сега треба да најдат начин да излезат од калта и да ги минимизираат штетите.

Ако навистина Али Ахмети се амбицирал да се бие со Арбен Таравари во претседателската трка – во што не верувам, да бидам искрен – тоа значи само едно, дека во ДУИ владее паника. Да не бидам погрешно разбран, но ако Мала Речица веќе одлучила да настапи со свој претседателски кандидат, подобар од Бујар Османи нема да најдат. Ова кокетирање со името на лидерот Ахмети значи дека кандидатурата на Таравари е сериозна закана за ДУИ.

Како што слушам, хаос владее и во СДСМ. Кандидатите на изборните листи се делат „паритетно“, дел за екипата на Ковачевски, дел за приврзаниците на поранешниот лидер Зоран Заев, дел се оние коишто во меѓувреме ги „уловил“ Миле Зечевиќ итн. Кармакаша!

Верувам дека Ковачевски нема попаметен избор за претседателски кандидат освен неодлучниот и фриволен, можеби дури и сериозно разочаран Стево Пендаровски. Не очекува Оливер Спасовски или некој друг од партиските кадри да влезе во една ваква битка, со перспектива да победи дури во вториот изборен круг (после првиот круг секако ќе води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ). Но, ова само под услов барем стотина илјади избирачи Албанци во вториот круг да гласаат за претседателскиот кандидат на СДСМ.

Заебано, другарчиња.

Жал ми е, но така е тоа кога нештата се силуваат. И кога некој очекува и да изгуби на изборите и да остане на власт. Згора на тоа, кова план како да се занемари волјата на избирачите.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

Од „победник со победник“ до „лузер со лузер“