Актуелниот претседател Стево Пендаровски и екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски добиваат силен ривал во СДСМ во кандидатурата за претседател, тврдат извори од СДСМ.
Покрај двајцата главни кандидати за кандидат за претседател партиски извори брифираат дека и генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ има големи шанси да се појави на гласачкото ливче со кандидати за претседател.
Во елаборацијата на луѓето од СДСМ кои лобираат за Зечевиќ се вели дека се работи за човек кој за разлика од Пендаровски го познава теренот, има одлични контакти со странците и МПЦ-ОА, одржува блиски релации со ДУИ, АА и други албански субјекти што е важно за вториот круг кога ќе треба да се анимираат албанските гласачи.
Според истите извори Зечевиќ не е во толку лоша ситуација како Пендаровски кој има низок рејтинг и Спасовски кого го уништи последната ситуација со пасошите и тој би можел да извади добар резултат.
Најголемата поддршка за Зечевиќ во моментов доаѓа од лидерот на СДСМ Ковачевски, екс вицепремиерката Радмила Шекеринска и министерката за одбрана Славјанка Петровска кои речиси отворено лобираат за него.
Без разлика дали тројцата моќни играчи во СДСМ го туркаат Зечевиќ за кандидат за претседател со цел да го исфрлат од игра за партиски лидер тој во моментов стои многу подобро во партиските структури од Пендаровски и Спасовски, велат изворите кои сметаат дека на партијата сега и треба да понуди нова политичка парадигма.
Предходно денеска се случи сериозен конфликт во самонаречениот Европски блок откако Брисел им дал црвен картон на СДСМ и ДУИ за законот за игри на среќа кој помина со европско знаменце во Собранието.
Откако беше нападнат од медиуми блиски на СДСМ и ДУИ дека има различен пристап за Кривичниот законик и овој за игри на среќа Пендаровски објавува дека сега за прв пат ЕУ испратила официјална реакција против законот.
,,За измените на Кривичниот законик имаше јасна европска Директива за конфискација на имот стекнат со криминал. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела.
Никогаш за ниту еден закон Европската унија писмено не реагирала да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто тој закон да биде донесен, како што ЕУ постапи сега, во овој случај, во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
Дописот во кој јасно се назначува дека не е почитувана процедурата, односно писмото од Европската Унија пред да биде испратено до Претседателот е исто така испратен и до Владата и до Собранието”.
Вицепремиерот Артан Груби како и сите членови на владата би требало да се запознаени со овој допис”, пишува Пендаровски индиректно обвинувајќи ја владата дека молчи за критиките од ЕУ.






