Малески: Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ да прифатат „Бугари во устав“, инаку следи „украинско сценарио“, насилства и интервенција на НАТО!

„Шефот на ВМРО ДПМНЕ со својата политика ќе ја доближи Македонија до украинско сценарио. Во такви околности можно е и насилство и страдање на населението, но можна е и интервенција на НАТО. Вреди да се имаат овие факти пред очи, кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да ја донесе конечната одлука дали самите ќе тргнат против сите и дали во таа бездна ќе го повлечат и народот.“ – делови од оваа своја колумна, напишана пред десеттина години, помести Денко Малески, професор по политички науки и поранешен министер за надворешни работи на Македонија, во своја најнова, денешна колумна со наслов „Судир на ВМРО-ДПМНЕ со Западот, уште еднаш“, која ја објави весникот „Слободен печат“. Со „потсетувањето“ на таа своја колумна од пред една деценија Малески им упатува директна порака, многу повеќе и закана, и на сегашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на оваа водечка македонска опозициска партија, како што им имал порачано и на Груевски и тогашното ВМРО ДПМНЕ; „да не продолжуваат да ги гнетат живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите предци“, овојпат со „тврдоглавото отфрлање на евроамериканскиот диктат да се промени Уставот“.



Согласно со принципите на објективното и професионално информирање, „Експрес“ ја пренесува најновата колумна на Денко Малески, случајно или намерно објавена со таква содржина во овој веќе политички вителен предизборен период, за да придонесе на неутрален начин како медиум и севкупното бирачко тело во Македонија и делот од него, кој се насочува кон ВМРО ДПМНЕ, да можат соодветно да се позиционираат кон возобновените „потсетувања“ за „украинско сценарио“ и „можна интервенција на НАТО“ во Македонија, ако не бидат внесени Бугарите во македонскиот устав.

Покрај другото, во својата најнова, денешна колумна Денко Малески пишува:  Како да ѝ е судено на партијата на македонските националисти постојано да се судира со Западот наспроти искажаните позиции за сојузништво. Во текст, што сум го објавил некаде пред десетина години, Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ се спротивставуваат на советот на Западот да не одат на уште едни предвремени избори. Сепак, владејачката партија се одлучува за спротивното, независно од мислењето на сојузниците, и тоа со кревање на патриотските чувства на населението против Западот, кој сенешто „нè парчи и нè дели“. Тогаш бевме во спор за минатото со Грција.

Еве делови од колумната, во која напишав: „Воспитувани дека големите сили се историски виновници за сите наши несреќи, постојано се враќаме во минатото и упорно ги гнетиме живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите предци. Со стереотипи длабоко забиени во нашите мозоци, каков што е оној за западните сили што сенешто нè парчат и нè делат, не се ни обидуваме да го разбереме новото време и вредностите, што стојат зад моќта на САД и ЕУ. Шефот на владејачката македонска партија (Груевски) со својата политика ќе ја доближи Македонија до украинско сценарио, со кое поделбите од врвот ќе се пренесат долу во општеството. Во такви околности можно е и насилство и страдање на населението, но можна е и интервенција на НАТО. Вреди да се имаат овие факти пред очи, кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да ја донесе конечната одлука дали самите ќе тргнат против сите и дали во таа бездна ќе го повлечат и народот“.

Меѓу другото, тоа го напишав тогаш. Денес сме во спор за минатото со Бугарија. Сите знаеме што му се случи на Груевски, кој беше губитник од тој судир со Западот. Останува да се види, што ќе му се случи на Мицкоски, новиот претседател на истата партија. Ниеден поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ не водел таква жестока противзападна кампања како сегашниот. Од моментот кога под притисок на Брисел и на Вашингтон беше симнато бугарското вето и беше заменето со „францускиот предлог“, веќе не може да се зборува за бугарски, туку само за европско-американски диктат.

Тоа не го крие ниту високиот американски дипломат О’Брајан, кој на двапати во кус рок доаѓа во Скопје и инсистира предлогот да се прифати. Одговорот на високи претставници на партијата ВМРО-ДПМНЕ е целосно детински: „Кој е тој да ни кажува што да правиме ние?“, „Ние сме суверена држава“, „Ние ја изразуваме волјата на македонскиот народ“, „Продавачот на автомобили нека си ја гледа работата“, „Ова е недозволено однесување, кое личи на однесувањето од Студената војна“, „Никогаш, додека сум јас претседател, нема да се усвојат уставните амандмани под бугарски диктат“…

Не може да се знае како ќе одговори Америка на оваа тврдоглавост на Мицкоски. Си имаат тие и поголеми главоболки од Македонија, какви што се можна Трета светска војна, ширење на конфликтот на Блискиот Исток или Трамп пред вратата. Но, Македонија во ЕУ преку „францускиот предлог“ е западната стратегија за земја, која веќе триесет години не се движи кон ЕУ, туку само стои на тој пат и претставува опасност по сообраќајот. Ако посегнат по италијанското повоено сценарио, Западот ќе направи кордон околу ВМРО-ДПМНЕ, за да не формира влада, или за да не биде воопшто дел од владата, поддржувајќи ја коалицијата што е за уставни промени.

Ако се оствари ставот на албанските партии цврсто да застанат зад Западот, и при максимална победа на ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата ќе произведе политичка криза без Албанците во власта. Ако на ова се додадат СДСМ и помалите партии, кризата ќе се продлабочи и политичкиот систем на земјата може да заличи на оној од четвртатата француска република кога максималниот век на една влада бил осум месеци. Сето ова неизбежно ќе се пренесе и на меѓуетничките односи и сериозно ќе ги влоши.

Но, во такви услови на долготрајна криза може да почне да се менува и расположението кај Македонците и да опаѓа националистичката треска за нивната загрозеност во прилог на западниот предлог за промена на уставот. Зашто, кога големите сили ќе застанат зад еден предлог, тие го губат кредибилитетот, ако ја сменат политиката, поради една партија, што им ги расипува плановите за евроинтеграција на * Македонија во ЕУ.

Отсуството на талент за стратегиско мислење е наша општа маана, ама ВМРО-ДПМНЕ е шампион. Како баш ништо да не разбираат од меѓународна политика. Преку изјави и на дипломатски начин О’ Брајан му вели на Мицкоски дека мора да го обелодени својот план за ревизија на „францускиот предлог“ и да објасни како ќе го спроведе и со кого ќе го испреговара. Мицкоски не разбира дека тој, со кого треба да се преговара, седи спроти него и оти му вели дека нема да има такви нови преговарања.