„Одејќи по крвавите траги на нашите херои, нашата задача е само еден чекор напред, како што велеше Крсте Мисирков. Во овие драматични мигови, кога повторно се доведува во прашање нашата опстојба, да дадеме сѐ од себе и да ја зачуваме Македонија, за да се роди повторно над над новото сонце на слободата, а ние да го видиме радосен и среќен нашиот народ. Таа борба мора да започне денес, затоа што утре веќе ќе биде доцна.“ – предупредува проф.д-р Мимоза Рајл, директорка на Институтот за сценски уметности при Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска филмска академија ЕСРА Париз – Скопје, во својата колумна со наслов „Единството на Македонците денес значи силна македонска држава утре“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, во својата колумна Рајл нагласува: Сите наши илинденци, револуционери и борци за Македонија, кои работеа на оформувањето и дефинирањето на македонското национално прашање, дејствуваа и се бореа во прв план за единство и обединување на Македонците во клучните историско-пресудни мигови за Македонија, каков што е и денешниот.
Идејата на нашите први револуционери, како и идеите на нивните наследници, беше Македонците да се обединат во едно заедничко, победоносно – национално јадро. Македонските херои и револуционери, како историски личности од нашето подалечно и поблиско минато, треба да ни бидат поттик за развојот и на современиот демократски македонизам, со една единствена цел – дефинитивното единство на Македонците под овој небесен свод, за кое единство тие ги дадоа, или ги посветија своите животи.
Тие знаеја и со таа максима се бореа, дека само единството на Македонците може да создаде сигурна и просперитетна држава. Значењето за обединување во едно единствено македонско ткиво е поважно од кога и да е и денес, кога на овие бришани балкански простори, живеејќи ги најголемите македонски маглини, повторно и којзнае по кој пат ни се закануваат едни исти човекомрсци, едни исти програмери на геноцид, кои треба нас, Македонците, вака разединети и расцепкани да нѐ бутнат во океанот на непостоењето.
Како член на револуционерното семејство Циривири, кое во текот на НОБ од најблиското семејство положи три животи, јас свесна сум за жртвата, но и за големата посветеност на социјалистичко-идеолошката матрица како македонска кауза. Затоа што борбата низ црното и црвеното, на темницата што штрека и вкрвавената зора, е нашата differentia specifica – белези кои не разликуваат како посебни. Само ние што знаеме како најблиските страдаа во жртвувањето на животот, знаеме и да ја цениме Македонија, која уште од своето постоење постојано му се спротивставува на насилството.
Македонија, за која Рацин пишуваше дека гори во татнежи и молскавици, умира во маки и страдања и повторно се раѓа во белите мугри во срцата на Македонците и кога во нив немаше ништо друго, освен голема надеж и определеност да се истрае на патот до слободата.
Социјалистичката идеја колку и да е негирана денес, таа во денешниов поим за демократија е идеја за социјална правда (слобода, еднаквост, солидарност и борба против дивеењето на експлоататорите). Како таква органски не може да се одвои од идејата за македонското национално прашање затоа што тие две прашања се надополнуваат и и постојат во нераскинливo заедничко постоење.
Таа идеја е историски континуитет, нужност кога народот веќе нема да може да го издржи овој експлоататорски систем и конечно треба да го дигне својот глас. Затоа денес се толку важни обединувањето и единството на Македонците за кои нашите револуционери се бореа. Затоа е и од непроценливо значење во овој миг, сите заедно да застанеме под едно национално знаме како симбол на македонското единство и да ја извојуваме и оваа битка за спас на Македонија.
Затоа и оваа колумна денес нека биде повик за обединување и единство на сите Македонци, во овој критичен историски миг, кога повторно и којзнае по кој пат во прашање се доведува опстанокот на Македонците и на Македонија како држава.
Денес, повеќе од кога и да е, треба да се откажеме од делбите и поделбите на македонскиот народ, затоа што така со сигурност одиме во една рационално необјаснива војна, војна на сите против секого. Наместо тоа, да погледнеме во минатото, но истовремено присутни во сегашноста, и да се избориме за себеси.
Затоа и денес, зборувајќи за големите хоризонти на нашите херои и револуционери, ние ја палиме и искрата во нашите срца и на сите Македонци, затоа што прво таму треба да дигнеме национално востание. Затоа што само на тој начин како што ни говореа нашите херои – слободна Македонија ќе биде дело на Македонците и само така ќе може да се одбраниме себеси.





