Грција се приклучи на големиот европски проект за брза железничка пруга долж коридорот 10 од Будимпешта преку Белград и Скопје до Солун, за што во Бугарија гледаат под око поради нејзината исклученост засега, иако и таа е дел од коридорот.



„Грчкото учество во изградбата на брзата железничка линија од Грција преку Северна Македонија до Унгарија е историска победа за Западен Балкан“, изјави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.

Брзата рута е делумно подготвена само на територијата на Србија – делот од Белград до Нови Сад – а во моментов се работи на делот од Белград до Ниш и од Ниш до границата со Македонија. Во исто време, кинеските компании ја градат брзата железничка линија од Нови Сад до Будимпешта, која треба да биде завршена во 2025 година. Максималната брзина по целата делница ќе биде 200 км/ч.

Од вчера, 13 февруари 2024 година, во овој проект е вклучена и Грција. На грчка територија ќе се гради железничка пруга од Солун до границата со Македонија, во должина од околу 70 километри. Оваа линија потоа ќе биде поврзана со Атина и пристаништето Пиреја.

„Софија се чини дека засега е изолирана од проектот, иако е дел од европскиот коридор 10“, пишува бугарскиот онлајн весник „Сега“. „Кај нас во моментов се гради брзата линија што ќе ја поврзува Софија со границата со Србија кај Калотина. Нејзината планирана максимална брзина е 160 км/ч. Во исто време, Софија сè уште нема железничка врска со Скопје, иако таа е планирана уште во 19 век“.