„Ако под политика ја разбираме сферата на колективот, општиот интерес, тогаш ДУИ веќе не е политичка партија. Со длабоко убедување тврдам дека оваа групација е веќе претворена во акционерско друштво, кое има единствена цел да го збогати својот ‘управен одбор’, односно блиските функционери и да ги задоволи своите клиенти.“ – нагласува Беким Ќоку, политичкиот советник на косовскиот премиер Албин Курти и официјален претставник на владејачката косовска партија Ветвендосје – Самоопределување за Македонија, во објавата на својот фејсбук-профил, која ја пренесе и информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА под наслов „ДУИ е акционерско друштво“.
Натаму, Ќоку пишува: Сите оние, кои соработуваат, или се стремат да соработуваат со оваа партија-компанија, имаат за цел само да се збогатат себеси и своето потесно семејство. Не остана ништо од политичката димензија. Многу лаже оној, што го спомнува зборот политика заедно со ДУИ.
Ако некој ја оправдува соработката со ДУИ со политички аргументи, можете слободно да му кажете: престанете со овие будалаштини, кажете колку пари сте заработиле досега со оваа партија, или колку пари ви ветила дека ќе добиете.





