Зарина Првасевда одбиена од Министерството за култура: Секогаш кога ќе ми одбијат проект мене ми се посреќува

Македонската уметница Зарина Првасевда одбиена од Министерството за култура. Оправдувањето било дека поради „непостоење на доволна аргументација за негова уметничка и естетска целисходност како проект од национален интерес во музичка и музичко-сценската дејност, проектот бил оценет со помалку од 51 бод. Таа проблемот го раскажа во ФБ статус кој го презентираме во продолжение:



Искрено, секогаш кога ќе ми одбијат апликација од Министерство за култура или ќе ми дадат 3 денари пари за нешто големо, мене ми се посреќува. Да му е мерак на човек да пушти апликација, за да го одбијат, специјално. Еве ќе објаснам и зошто, за тие што имаат малку време и сакаат да знаат:

  1. Снимањето на албумот ” Ехо ” 2021 – ОДБИЕН.
    (Недоволно естетска целисходност и автентичност, вели Министерството).
    – Се разбира, тоа ме разочара ужасно… Но, не ми ја уби силата и вербата што ја имав. Моите родители се скромни општи работници во државата, а јас во моментот работев за просечна плата, па така, беше речиси невозможно да се наслонам на сопствените финансиски средства за толку голем проект каков што го замислував од дете.
    Барав илјадници начини, тропав од врата на врата, раскажував и верував дека некој ќе ми поверува на невидено. Се случи. Еден голем човек, мојот втор татко, не само што поверува, туку и направи да се случи. Иако не беше од ” фелата “, нешто слушна и нешто препозна – ” Ќе го направиме ова заедно рече, зошто на Македонија и треба нешто вакво. “. Така и би. Со поддршката и љубовта што ја добивав од него и неговото семејство, пријателите, од колегите, моето семејство и публиката која несомнено ми беше дирек кој ме држеше исправено.
    НЕ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА.
    – Мојот прв албум го издадов за странска издавачка куќа, т.е за една од најголемите на Балканот, Croatia Records или бившо Jugoton.
    – Го издадов во Април 2022година.
    – Истиот, нешто подоцна го освојува 9 – тото место на Балканската светска музичка листа како еден од најслушаните музички изведувачи во 3-тиот квартал на 2022 година.
  2. Побарав средства од Министерството за култура кога решив да правам промоција на истиот со концерт Македонската филхармонија – со голем оркестар – ОДБИЕНО.
    ( Со оглед на тоа дека се обратив малку подоцна од конкурсите, имаа одличен изговор како да ме откачат во еден потег.
    “ Не можиме да ти префрлиме пари, не можиме да ти помогнеме со отстапување на салата без финансиски надоместок… Не си во годишна програма. “ , вели Министерство .
    Имено, после месец дена талкање од канцеларија до канцеларија со едно ранче на раменици, полно соништа и верба во тоа што имам да го кажам на светот , после многу НЕ, после илјада потсмеви и разочарувања , Пакомак, вели,
    ” Закажи го концертот ние ќе ти помогниме.”.
    Концертот, во сопствена лична продукција и организација , закажан на 15.04.2022, голема сала ја Филхармонија – за недела дена – РАСПРОДАДЕН.
    Албумот сеуште не издаден, артистот НЕПОЗНАТ, НЕДОВОЛНО ЕСТЕТСКА ЦЕЛИСХОДНОСТ И АВТЕНТИЧНОСТ, концертот се распродава до последна карта.
    Ух не… последната ја чував за министерката која што лично ја поканив.
    Дали претпоставувате само кое место беше празно во салата?”