Шасивари: Нема уставна забрана Собранието да амнестира сторители и на најтешки кривични дела, па и за „Хашките случаи“

„Немаат задолжителна правна сила писмата на комесарката Дуња Мијатовиќ со нејзините препораки да се укине автентичното толкување од 2012 година (?) на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата, кои биле пренесени од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија пред домашните судови. Законот за амнестија од 2002 година и неговото автентично толкување од 2011 година го поминаа целиот филтер за уставноста пред Уставниот суд и неколку пати беше потврдено дека е во согласност со Уставот на Република * Македонија. Не постои никаква уставна забрана да бидат амнестирани од Собранието сторителите на овие најтешки кривични дела, или кое било кривично дело.Според уставно-правната теорија, автентичното толкување на законите значи утврдување на вистинската содржина и значење на веќе усвоен закон, кој во своето спроведување  покажува нејаснотии, или дека има празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон, па и на законот за амнестија.“ – тврди д-р Јетон Шасивари, професор по уставно и управно право во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Писма“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.



Согласно со принципите на објективното и коректно информирање, „Експрес“ ја пренесува во интегрална верзија колумната на Шасивари, која е во целосна спротивност со барањата и ставовите на европската комесарка Мијатовиќ, но и со ставовите на други правни експерти во Република Македонија, поврзани со меѓународното право.

Во анализата со наслов „Хаг ги држи на штрек и водачите на ОНА во Македонија“, објавена во весникот „Нова Македонија на 15 декември 2023 година, универзитетскиот професор по кривично право д-р Гордан Калајџиев констатира: „Иако е правно контроверзно, во Македонија прашањата за четирите хашки случаи за злосторствата од 2001 година се сметаат како затворени.  Во анализата Калајџиев укажува дека кога беше донесен Законот за амнестија, а подоцна и неговото „автентично толкување“ токму за овие случаи, Хелсиншкиот комитет реагираше дека тоа не е никаква правна основа, за да бидат ставени ад акта дела што не застаруваат. Професорот Калајџиев смета дека, теоретски, предметите може да ги отвори државниот обвинител, ако утврди дека овие случаи не потпаѓаат под Законот за амнестија. Но, тој не верува дека во скоро време албанските политички партии, особено ДУИ, ќе дозволат да биде избран обвинител со такво гледање на предметите.

Во информацијата со наслов „Најчевска: Актуелниот премиер на Македонија е осомничен за воени злосторства – време е да ги отвориме Хашките случаи“, која ја објави информативниот портал „Фактор“ на 11 февруари 2024 година, пишува: „Професорката Мирјана Најчевска се огласи со потсетување дека сегашниот премиер на земјата е осомничен за воени злосторства и тој беше амнестиран во времето на владењето на ВМРО  ДПМНЕ и ДУИ.“ Потоа се пренесува фејсбук-објавата на Најчевска, која е универзитетски професор по правни науки и специјализирано токму по проблематиката на човековите права: „Сегашниот премиер на Македонија е човек осомничен за воени злосторства кој беше амнестиран од страна на ВМРО ДПМНЕ. Време е да ги отвориме Хашките случаи. Злосторствата против човештвото не застаруваат.“

Но, еве ја колумната на професорот Јетон Шасивари: Со свои писма од 15 јануари годинава Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа Европа препорачува да се преземат конкретни чекори „за справување со насилното минато и заради придвижување со решителност кон општествената кохезија, правда и помирување. Во однос на * Македонија, комесарката во своето писмо до поранешниот премиер Ковачевски препорачува, меѓу другото, да се укине автентичното толкување од 2012 година (?) на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата, кои биле пренесени од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија пред домашните судови.

Писмата со вакви препораки немаат задолжителна правна сила. Комесарот доаѓа од регионот на поранешна Југославија, каде што, почнувајќи од нејзиниот прв Устав од 1946 година се до распадот на поранешна Југославија, автентичното толкување на законите беше признато и применето. Но, денес во регионот на поранешна Југославија (Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, од каде е комесарката, воопшто не се признава автентичното толкување на законите.

Прв реагираше поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, кој во 1999 година правеше телевизиски паради со наводни магацини од оружје божем се на УЧК на Косово, барајќи Собранието да создаде услови за продолжување на постапката за четирите случаи од Хаг од 2001 година. Втора реагираше Левица со тврдење дека таквите злосторства на УЧК не застаруваат и оти по изборите нивното процесуирање ќе биде воспоставено од оваа заруска и противевропска партија како главен услов за формирање на идната влада.

Но, клучното прашање, што се поставува, е поврзано со укинувањето на автентичното толкување од 2011 (а не од 2012 година, според комесарката) на Законот за амнестија од 2002 година?! Според член 68 став 1 алинеа 2 од Уставот, Собранието ги усвојува законите и дава автентично толкување на законите. Од наведената уставна одредба произлегува дека Собранието има овластување да врши автентично толкување на законските одредби. Уставот му овозможува на законодавецот да ги определи обемот и постапката за давање автентично толкување, со оглед на тоа што тој ја усвојува законската одредба. Автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија од 2002 година го даде Собранието на 19 јули 2011 година кога 63 пратеници гласаа „за“, а 29 „против“.

Според уставно-правната теорија, автентичното толкување на законите значи утврдување на вистинската содржина и значење на веќе усвоен закон, кој во своето спроведување  покажува нејаснотии, или дека има празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон, што се толкува, а не е негово дополнување, или нов закон и важи од моментот од кога стапува во сила законот, кој се толкува, па има ретроактивно дејство. Автентичното толкување ја заменува одредбата, на која се однесува, и станува дел од законот уште од почетокот на неговото влегување во сила.

Законот за амнестија од 2002 година и неговото автентично толкување од 2011 година го поминаа целиот филтер за уставноста пред Уставниот суд и неколку пати беше потврдено дека е во согласност со Уставот на Република * Македонија. Во првата одлука на Уставниот суд од 2003 година, со која се отфрла иницијативата против Законот за амнестија, се подвлекува дека оспорениот закон не ги повредил неприкосновените права, загарантирани со Уставот: правото на живот, правото на физички и морален интегритет и правото на слобода. Според тоа, правото на државата да дава амнестија не ги нарушува уставните одредби, кои ги гарантираат споменатите права.

Не постои никаква уставна забрана да бидат амнестирани од Собранието сторителите на овие најтешки кривични дела, или кое било кривично дело. Толкувајќи го членот 9 од Статутот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (Хашкиот трибунал), Уставниот суд нагласува дека оваа одредба ја решава конкурентската јурисдикција, давајќи му приоритет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија над домашната јурисдикција, бидејќи домашната јурисдикција не може да ја исклучи меѓународната јурисдикција.

Уставниот суд во 2012 година ги отфрли двете иницијативи против Законот за амнестија и неговото автентично толкување. Притоа, меѓу другото, во образложението на одлуката нагласува дека од споредбата на член 1 од законот и оспореното автентично толкување произлегува дека автентичното толкување претставува скратена содржина на член 1 од законот. Тие се разликуваат еден од друг според тоа што законскиот текст ја содржи формулацијата „постапката ќе започне“, а толкувањето ја содржи формулацијата: „постапката е започната“.

Другите изрази употребени во толкувањето се целосно идентични со законскиот текст. Уставниот суд имаше предвид дека автентичното толкување и член 1 од законот имаат иста суштина во однос на прашањето кои кривични дела не се амнестираат, поради надлежноста на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. Уставниот Суд веќе двапати констатираше дека член 1 од законот е во согласност со Уставот.

Во 2008 година таканаречените „Хашки случаи“ ѝ беа пренесени на * Македонија без никаква наредба, или одлука на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, или на обвинителот на овој суд. Затоа, ако некој граѓанин на * Македонија смета дека затворањето на овие случаи преку автентично толкување од 2011 година на Законот за амнестија од 2002 година беше интервенција на законодавецот во спроведувањето на правдата, одземајќи му го правото на правично судење, гарантирано со член 6 од Европската конвенција за човекови права, тогаш тој граѓанин има право да ја тужи државата * Македонија пред Судот во Стразбур.