„Знае ли некој што значи кратенката ‘НМК’ и како се чита кирилично, а како латинично? Aкo e кирилично ‘Н’, дали тоа значи ‘Никогаш Македонија’? Можеби ‘Нова Македонија’? Значи ли тоа дека ‘НМК’ ќе се употребува и во регистрите за македонскиот јазик, на местото на ‘МК’, односно ‘МКД?“ – овие дилеми ги изнесе академик Катица Ќулафкова на својот фејсбук-профил поврзано со обврската, која ја имаа граѓаните до 12 февруари да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“, како обврска од „Преспанскиот договор“.
Ќулафкова пишува: Знае ли некој што значи кратенката „НМК“ и како се чита кирилично, а како латинично? Ако е латинична и изведена од „North Macedonia“, би требало да пишува или „NMC“, или „NMK“. Ако е кирилична и на македонски треба да биде „СМК“. Вака, „Н“ се чита латинично како „х“, или „ејч“.
Aкo e кирилично „Н“, дали тоа значи нешто како „Не Македонија“? „Никогаш Македонија“? Можеби „Нова Македонија“ Значи ли тоа дека „НМК“ ќе се употребува и во регистрите за македонскиот јазик на местото на „МК“, односно „МКД“?
Каква е оваа транскрипција, каква е оваа транслитерација, според кои прописи? Чие авторско дело е? Чуму сета таа конфузија, и покрај ставот дека кодот „МК“ е гарантиран?!
Инаку, објавата на академик Ќулафкова предизвика соодветни реакции на нејзиниот фејсбук-профил: – Па нели изгласаа закон за заштита на македонскиот јазик?!; – Сега е конфузија, а подоцна од конфузија ќе не стават на инфузија!; – Само Македонците веруваат во случајности. Сите други знаат дека во секој хаос има систем.
Во својата реакција новинарот Бранко Ѓероски истакнува: Кодовите NM и NMK се хибридни и нема никакво јазично или логично објаснување. Ова е апсурдно од јазичен аспект. За кодовите зборува членот 1 став 3 точка 1 од Преспанскиот договор. Според оваа одредба, „NMK“ (дадена е алтернатива и „NM“) се однесува само за регистерските таблички. За сите други употреби кодот е „MKD“ и „MK“. Го пишувам, ова за да не му текне на некој ‘Ајнштајн’ да ги менува дури и возачките и сообраќајните дозволи со новото име на државата, а на кои стојат кодовите „MKD“ и „MK“.





