„Кој безобразен арамија?! Не му е страв од корупција кога се распродава државната сопственост, туку му е страв од корупција кога државната сопственост треба да биде ставена во корист на граѓаните.“ – остро изреагира универзитетската професорка Мирјана Најчевска преку својот фејсбук-профил во врска со ставовите, кои ги изнесе Марко Бислимовски, претседателот на државната Регулаторна комисија за енергетика во интервјуто, дадено за Радио Слободна Европа на македонски јазик, во врска со најновите случувања во македонската енергетика и особено околу контроверзниот проект со грчки „Митилинеос“ за когенеративна енергетска централа.
Инаку, покрај другото, во тоа интервју, објавено под наслов „Бислимовски: Ако државата гради во енергетика, страв ми е од корупција“, Бислимовски застана во одбрана на „Митилинеос“, покрај другото, велејќи: Jас секогаш ќе ги поддржувам инвестициите во енергетскиот сектор. За овие инвестиции се преговара, се договара некаде од 2019 година и од премиерот Заев и од премиерот Ковачевски, инвестициите како како Митилинеос, Стипион и другите две веќе беа спомнувани повеќе пати во јавноста. Ако можела и сакала државата до сега ќе изградела енергетски капацитет. Се плашам од корупција ако државата реши да гради во енергетиката, приватниот инвеститор повеќе се грижи за парите од државата!
Радио Слободна Европа: Најголемата критика до сега во јавноста се однесуваше на една од четирите стратегиски инвестиции, а тоа е за когенеративната централа на „Митилинеос“ во Гази Баба. Зошто државата да не изгради еден ваков објект во оваа ситуација? Државата ќе ѝ ја даде на грчката фирма 50 милиони евра, а нема да има никаков удел во централата.
Бислимовски: Кај Митиленеос прва невистина, која што се кажува, е околу цената за топлинска енергија. Со договорот е предвидено да се применува методологијата, која што ја утврди Регулаторната комисија за енергетика во однос на определување цена на топлинска енергија, произведена од когенеративна постројка. Речиси, повеќе од двојно, цената на когенеративната постројка, Те-То за топлинска енергија, е поефтина од цената на топларниците. Истата таа методологија ќе ја примениме и за „Митилинеос“. Наместо да имаме цена од 5,3 денари, ќе имаме цена од 2,5 денари.





