Во европските земји поради недостигот на работна сила се почесто се зборува за зголемување на старосната граница за пензионирање. Последна земја која размислува на ваков чекор е Велика Британија која планира возраста за пензионирање да ја зголеми на 71 година до 2050 година. Но кај нас работите се поинакви, анкетите покажуваат дека над 80 отсто од работниците не сакаат да се пензионираат на 70 години, објави Вечер. И од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека наместо зголемување на старосната граница за пензионирање треба да се воведат поповолни услови за пензионирање, обновување на работната сила и задржување на младите во државата.
Во моментов, во Македонија услов за стeкнување право на пензија се возраста и годините работен стаж. Мажите се пензионираат на 64, а жените на 62 години. И за мажите и за жените важи условот да имаат минимум 15 години работен стаж. Старосната граница за заминување во пензија кај одредени категории занимања може да биде и пониска. Тие имаат бенефициран стаж и 12 месеци стаж им се пресметуваат од 13 до 18 месеци, во зависност од позицијата.

– Несериозно е дури да се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање. Наместо зголемување на границата треба да воведеме повеќе модели за поповолни услови за пензионирање. Нашите предлози се доставени уште од 2020-та година, а се однесуваат на воведување на пензионирање врз основа на стаж без оглед на нивната старосна возраст, можност за се докупи стажот при предвремено пензионирање и воведување бенефициран стаж за одредени категории работници. Социјалниот дијалог во поглед на овие модели за пензионирање е прекинат во 2021 година, но нема да престанеме да го бараме истиот и во следниот период, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Според него, работната сила во државата треба да се обнови. Треба да ги задржиме младите работници во Македонија, а не да ги испраќаме во странство да градат туѓи економии.
– Преку воведување на новите модели за пензионирање, ќе овозможиме младите работници побрзо да се вработат и поефикасно да ги извршуваат своите работни задачи, да добиеме поефикасен јавен и приватен сектор, што ќе придонесе за целосно заздравување на економијата во земјата, додава Пешевски.
Покрај постојниот услов за пензионирање, од ССМ бараат да се воведе и старосна пензија, односно жените без оглед на годините на возраст да се пензионираат со 35 години, а мажите со 40 години работен стаж. Старосна пензија по дејности, односно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на градежен работник, на текстилен работник, на рудар, а други за работниците кои се вработени во администрација.
Исто така, се предлага да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала на возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години. Корисници на предвремена старосна пензија можат да бидат работници кои работат, но не можат да продолжат да работат од одредени здравствени или други причини. Овој вид пензија би се остварувала исклучиво по желба и барање на работникот. Овој услов за пензионирање во речиси сите земји од Европската Унија е познат како општ услов за пензионирање и тој се остварува на 60 години возраст.

Неполна старосна пензија по возраст, односно да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж. Како и право на самоуплатување на придонесот за работници на кои им недостасуваат до три години работен стаж од минималните 15, а го исполнуваат условот возраст 62, односно 64 години.
Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците.
И во регионот сè погласно се зборува за поместување на старосната граница за пензионирање. Во Србија, во моментов мажите одат во пензија со 65, а жените со 63 години и шест месеци со минимум 15 години стаж. Сепак, законските услови за жените ќе се менуваат до 2032 година. Дотогаш, со реформата е предвидено жените и мажите да се изедначат со возраста како услов за пензија, односно за сите да важи условот за наполнети 65 години. Законските услови во Босна и Херцеговина предвидуваат заминување во пензија со 65 години возраст или 20 години пензиски стаж или 40 години стаж без оглед на возраста. Условот за пензија за мажите во Црна Гора е 66 години возраст и минимум 15 години стаж, додека за жените 64 години и минимум 15 години стаж. Во земјата е во тек реформа, според која до 2028 година, за жените се предвиден бенефиции. Односно тие можат да заминат во пензија од 62 години и девет месеци во 2023 година до 63 години и девет месеци во 2028 година. Законите во Албанија во моментов предвидуваат мажите да заминат во пензија со 65, а жените со 61 година и осум месеци. Во земјата се спроведува реформа која во 2056 година ќе треба да ги изедначи мажите и жените, односно сите да заминуваат во пензија на 67 години. И во Албанија минимумот работен стаж за стекнување право на пензија е 15 години. Во Косово, условите за пензионирање на мажите и на жените се исти. Тие можат да се пензионираат на 65-годишна возраст.
За разлика од Балканот, во дел од останатите европски земји старосната граница за пензија се движи меѓу 62 години во Франција и 66 години и 10 месеци во Холандија. Околу 66 години се движи во Шпанија, Германија и Велика Британија која размислува да ја зголеми на 71 до 2050 година. Старосната граница во Шведска е 63 години, во Швајцарија 64, односно 65, како и во Белгија. И во Канада условот за пензија се 65 години, додека во САД – 66 години и четири месеци.





