Косовски безбедносни институции и експерти јавуваат за план за атентат врз Курти, оти промовирал „Велика Албанија“ – МВР демантира

„Денес Косово беше шокирано од извештаите дека се планира атентат врз премиерот Албин Курти. Имало закана за убиство на Курти, поради што биле применети строги безбедносни мерки за време на неговиот престој во Скопје. Сигурни извори од безбедносните институции на Косово за јавната телевизија Радиотелевизија Косово изјавија дека безбедносните институции на Косово ги известиле надлежните институции во Скопје по добивањето на ваквата информација. Косовски безбедносен експерт смета дека Владата на Косово и нејзината разузнавачка служба треба да бараат информации од разузнавачките служби на САД за опасноста, или за можен план на сомнителните српско-македонски сили со поддршка од Русија.“ – објави еден од водечките косовски медиуми на албански јазик весникот „Бота сот“ во својата анализа со наслов „Безбедносни експерти алармираат за српски план за атентат врз Курти – бараат информации од американските разузнавачки служби“.



Овие информации се во целосна спротивност со соопштението на Министерството за внатрешни работи на Македонија, кое ги демантираше информациите дека имало закана кон премиерот на Косово Албин Курти за време на неговиот престој во Скопје. Портпаролот на МВР Тони Ангеловски во изјава за медиумите рече дека немало обид за атентат врз Курти. „Безбедноста на Курти при неговата посета е организирана според однапред одредени правила и безбедносни проценки.“ – нагласи Ангеловски.

Инаку, во анализата на „Бота сот“, покрај другото, пишува: Сигурни извори од безбедносните институции на Косово за јавната телевизија Радиотелевизија Косово изјавија дека безбедносните институции на Косово ги известиле надлежните институции во Скопје по добивањето на ваквата информација.Веднаш се формираа заеднички работни групи, кои беа распоредени низ Скопје, а посебно во периметарот на локацијата каде што престојуваше Курти.“ – нагласува изворот.

Беше откриена и причината зошто Скопје е избрано за место за извршување на атентатот. „Избрано е српскиот план да се спроведе во Скопје и поради албанското присуство, каде што потоа може да се протолкува како расчистување на сметките меѓу Албанците.“ – информира изворот.

За ова се изјасни и премиерот Албин Курти, велејќи дека овие закани доаѓаат од официјален Белград. „Дознав дека постојат многу закани од поединци и структури, кои имаат корени во официјален Белград. Но, не се чувствував загрозен штом дојдов во Скопје: видов многу полициски сили, кои се грижеа за средбата во Скопје.“ – рече Курти.

Софта: Се зголемува опасноста за обид за атентат врз Курти

Експертот за безбедност од Косово Фатјон Софта изјави дека се зголемува постојано опасноста да биде убиен Албин Курти. „Затоа Владата на Косово и нејзината разузнавачка служба треба да бараат информации од разузнавачките служби на САД за опасноста, или за можен план на сомнителните српско-македонски сили со поддршка од Русија.“ – посочува Софта.

Покрај ова, Софта нагласува дека српските криминални и радикални сили се моќни и оти имаат политичка поддршка. „Нивната моќ се протега и надвор од територијата на Србија.“ – укажува овој безбедносен експерт.

Доаѓањето на премиерот на Косово Албин Курти во Тетово и Чаир, во Скопје лани предизвика бран државни реагирања во * Македонија. „Српската државна пропаганда ги искористи овие реагирања, за да го обвини Курти дека ја промовира ‘Велика Албанија’ и оти во други околности тој дури и би ги нападнал Србија и Црна Гора.“ – дополнува Фатјон Софта.