Или средба со техничкиот премиер или од наредната недела предупредувачки протест и штрајкови, најавија вработените од УКИМ. Претседател на Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) Ангел Ристов обвини дека државата не обезбедила средства во буџетот за примена на обврските од колективниот договор склучен меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието, иако истиот е полноважен и стапил на сила на 1 јануари оваа година. Тој упати апел за средба со премиерот во рок од три дена, а доколку средбата не се реализира, ќе следува протест.
- Доколку во рок од три дена не добиеме средба со премиерот, согласно соопштението испратено од ректорската управа потпишано од сите декани, ректорката, проректорите, ќе се радикализираме. Ќе следува протест, па доколку тој предупредувачки протест не вроди со плод, следува штрајк, порача Ристов.

Причина – обвинуваат дека се не се почитува Колективниот договор потпишан во 2022 година со кој се предвидуваат повисоки плати, и кој пак почнал да се применува од почетокот на годинава. Со ваквата политика на непочитување, вработените се жалат дека директно се загрозени нивните права. Сепак, и покрај тоа, Ристов додаде дека надлежните министерства не предвиделе средства во буџетот за 2024 година за остварување на обврските предвидени во колективниот договор, со изговор дека истиот не бил регистриран во Министерството за труд и социјална политика. За неговото непочитување, од УКИМ информираа дека извесетни биле Собранието, Владата, МОН, МФ и Министерството за труд и социјална политика.
Ректорката на Универзитот Биљана Ангелова на денешната прес-конференција обвини за игнорантскиот однос на институциите кон УКИМ.
- Игнорантски однос на институциите трае долго, можеби повеќе од 15 години. Поводот е колективниот договор но причини има многу – нарушената финансиска автономија, нарушена кадровска автономија и нарушена функционална автономија, што ни создава секојдневни проблеми во функционирањето, рече Ангелова.

Таа потенцираше дека колективниот договор кој што беше склучен во текот на 2022 година од страна на Синдикатот и Собранието е полноважен и објавен во Службен весник. Тој, како што рече, произведува правно дејство и за Универзитетот и за надлежните институции
- Јас како ректор и ректорската управа која ја сочинуваат деканите и директорите на факултетите и понатаму ќе се залагаме да одржиме што подостоинствен стандард на сите наши вработени. Ќе настојуваме да се спроведува колективниот договор, а тоа значи правниот систем во оваа држава и спроведување на правото, додаде Ангелова.
Ова не е првпат во нашиот најстар и најголем универзитет да има проблеми. Имено и пред две години вработените излегоа на протест поради ниските и понижувачки примања.





