„Расипаните политичари од власта целат да го распродадат националниот енергетски систем за бадијала и да се вградат во зделките на странските компании, кои ќе ги исцицуваат финансиски граѓаните и компаниите во Македонија. Тоа е безмерна корупција во содејство меѓу странски компании и домашни политичари, тешки кривични дела, злоупотреба на службена должност, трговија со влијание, незаконско богатење, доведување на земјата во подредена положба пред друга земја, или други ентитети, па до велепредавство. Знаменосци на отпорот против овие погубни политики беа експертите од здружението на инженери. Овие херои на македонскиот отпор ме убедија дека кај нас останало цврсто државотворно јадро, што сака да ја устрои Македонија како одржлива држава.“ – нагласува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Технолошкиот суверенитет – незаобиколив дел на државниот суверенитет“, која ја објави весникот „Нова Македонија“
Покрај другото, Боцевски пишува: Македонија го дочека крајот на Втората светска војна како една од најзаостанатите и најсиромашни области во Европа. Веднаш по ослободувањето од туѓинските ропства Македонија започнува со забрзано осовременување, за да фати приклучок кон остатокот од Југославија и кон развиениот дел од светот. Во тој период се поставени темелите на современите системи во физичката инфраструктура. Патната мрежа, хидроцентралите, РЕК „Битола“, водостопанствата, топловодите, градската опрема и другите аспекти на физичката инфраструктура на земјата се изградени во мугрите на современата македонска државност.
Во текот на 1980-тите години македонските енергетичари планираат изградба на нуклеарна централа во Мариово, која би ги користела водите од вештачкото езеро на реката Црна, по изградбата на хидроцентралата „Чебрен“. Тоа не биле само сништа на залудени визионери туку државен план на тогашната Социјалистичка Република Македонија. За тоа се стапило и во преговори со познатата американска компанија „Вестингхауз“ од Питсбург и се влегло во почетната фаза на реализацијата.
Како тогаш дојдовме до оваа очајна состојба во 2024 година лично премиерот на државата да тврди дека Македонија немала капацитет самата да изгради хидроцентрала, или гасна централа, само 40 години по почнатиот проект за македонска нуклеарка? Одговорот на ова прашање лежи во срамната корупција и во откажувањето од каква било одговорност на една македонска политичка врхушка. Македонија уште долго ќе закрепнува од декадата на 1990-тите и од криминалната приватизација, која ја однесе земјата години наназад.
Но во таа епоха државата влезе во сериозни стратегиски грешки да приватизира компании како „Македонски телекомуникации“, „Електростопанство на Македонија“ и така натаму. Покрај нивната клучна улога во секојдневниот живот на граѓанинот и во непреченото функционирање на македонската економија, овие институции овозможуваа македонските научници, инженери и иноватори да држат чекор со времето и да учествуваат во глобалниот технолошки развој. Денес во ниту една од овие области не се издвојуваат пари за научен и за технолошки развој колку што им им биле ставани на располагање на експертите пред приватизацијата.
Денес се случува арамиски начин на водење политика: расипаните политичари жестоко ја злоупотребуваат службената положба и ним енергетиката им е нова област за богатење. Сегашната власт цели да го распродаде националниот енергетски систем за бадијала, со цел да се вградат во зделките на странските компании, кои ќе ги исцицуваат финансиски граѓаните и компаниите во Македонија. Лани јавноста беше потресена од скандалот со „стратегискиот партнер“ за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, зад што се криеше отстапување на водното богатство на Македонија на државното грчко електростопанство, со сите дополнителни придобивки, што произлегуваат од контролата на водите на реката Црна.
Годинава осамна со шокантните четири проекти за „стратегиско партнерство“. Зад нив се кријат безмерна корупција во содејство помеѓу странски компании и домашни политичари, тешки кривични дела, злоупотреба на службена должност, трговија со влијание, незаконско богатење, доведување на земјата во подредена положба пред друга земја, или други ентитети, па до велепредавство. Ова е неописливо поигрување со интелигенцијата на граѓаните, нивната доверба и иднина.
Знаменосци на отпорот против овие погубни политики беа експертите од Здружението на инженери. Овие херои на македонскиот отпор ме убедија дека кај нас останало цврсто државотворно јадро, што сака Македонија да ја устрои како одржлива држава.
Суверенитетот на една земја има и сериозна технолошка состојка. Губењето чекор со времето е сигурен пат за еден народ кон потчинување, ропство и исчезнување од историската сцена. Македонија мора да го обезбеди својот енергетски суверенитет, базната енергија во земјата мора главно да доаѓа од системите во државната сопственост и треба постојано да се вложува во нивото унапредување. Приватниот капитал може да биде само додаток во овој дел, но никако и чинител, од кој зависи благосостојбата на земјата, економијата и нејзините граѓани.
Сите приказни дека не сме имале капацитет, знаење, експерти и така натаму се само дел од пропагандата на коруптивните политичари. Нивната цел е да се убие вербата на македонскиот граѓанин во неговото општество, за да се реализираат матните зделки за богатење. Македонија има капацитет сама да си ги изгради големите енергетски системи, да управува со нив и постојано да ги унапредува. За Македонија е нужно да вложува и во својата енергетска независност.
Веќе не смее да се губи ни миг во севкупната дигитализација на земјата и во приклучувањето во трката околу новите технологии преку устројување нов државен институт за вештачка интелигенција, каде што ќе биде сместен и првиот македонски суперкомпјутер. Клиничкиот центар во Скопје треба да ги набави сите најмодерни инструменти, кои се на работ на светската медицинска наука, да обучи специјалисти да управуваат со овие машини и да овозможи најсовремени здравствени третмани за македонскиот граѓанин.
Не е точно дека немаме капацитет, оти не знаеме, не умееме, не сме способни и така натаму. Тоа го велат само корумпираните политичари, ловците во матно, кои заради длабочината на својот џеб си поигруваат со судбините на целата нација. Задача на следната влада, по обновата на македонската демократија, ќе биде и повторното воспоставување на македонскиот суверенитет. Лекцијата со енергетиката јасно ни покажа дека технолошкиот суверенитет е незаобиколив дел на државниот суверенитет.





