Лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски удри по Македонската телевизија (МТВ) за објавувањето на анкетите според кои ВМРО-ДПМНЕ има двојно поголема поддршка од неговата партија пред изборите во мај, за што реагира Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
„Тоа што го гледаме сега на МТВ е анкета преземена од еден институт многу близок до ВМРО-ДПМНЕ. МТВ само нè потсетува како изгледаа медиумите до 2016 година. Ова прашање треба да го доставите до амбасадорите Гир, до американската амбасадорка, до холандскиот амбасадор, бидејќи тие многу често ги коментираат демократијата, слободата на медиумите, начинот на известувањето“, одговори Ковачевски на новинарско прашање за анкетите на МТВ.
„Изразуваме сериозна загриженост за ваквите изјави, кои можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период, посебно на јавниот сервис. Ваквите изјави од лидери на политички партии кои отвораат прашања за објективноста и непристрасноста во медиумското известување на МРТ прават штета на имиџот на јавниот сервис, но и на демократските принципи и правото на граѓаните да бидат информирани точно и непристрасно“, реагира ЗНМ.
„Доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на јавниот сервис или на кој било друг медиум, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела, и тоа до: Советот на честа при ЗНМ, како и до Советот за етика во медиумите на Македонија и на тој начин тие да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди.
Вистинската улога на медиумите е да служат како стожер на демократијата, пренесувајќи проверени информации без влијание од политички интереси и секој обид за поткопување на медиумскиот интегритет е за осуда“, се додава во реакцијата на ЗНМ.






