Дали внатрепартискиот потрес во Алијанса за Албанците кој доаѓа во време на техничка влада и помалку од три месеци до избори може да влијае и на владата предводена од Талат Џафери? Денеска во собранието се очекува да пристигне предлог разрешувањето на министрите Азир Алиу и Фатмир Меџити што доаѓа по внатрепартискиот раскол и поделеноста на партијата на таканареченото крило на Таравари и крилото на Села. Неизвесно е како тоа ќе влијае на владината коалиција ако се земе предвид фактот што мнозинството од поодамна е на стаклени нозе.
Додека се во очекување на ги разрешат, двајцата министри во јавноста соопштија дека не планираат да дадат оставки. Тие се сигурни дека ја имаат поддршката од мнозинството во партијата и дека Таравари е легитимен претседател.
Расколот отиде и до таму што Таравари за денеска закажа Собрание на партијата, а Села исто така има закажано за в сабота.
-Во Алијансата на Албанците има едно едно централно собрание и тоа ќе биде вечерва во Куманово и тоа ќе биде и собир со граѓаните, легитимните избрани органи или легитимниот претседател на партијата е господинот Таравари, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на средба со новинарите.
Прашан што ќе му порача на Зијадин Села, кој е на чело на едно од крилата на партијата, рече дека АА има свои легитимни органи и легитимен претседател кој е избран на најдемократски начин во партијата.
-Тие што одлучиле да кумуваат со ДУИ за свој личен интерес тоа е нивна работа, ги поздравувам им посакувам добро здравје, како министер за здравство. Тоа е коментарот мој за ова прашање, рече Меџити.
Тој кажа дека 83 членови на собранието се на нивна страна и оти нема нејаснотии.
-Ние ги имаме собрано 83 од членовите на Собранието и мислам дека тука нема нејаснотии. Имаме легални легитимни органи имаме легитимен претседател, изјави Меџити.
Рече дека не знае кога ќе биде седницата за негово разрешување, но дека тој и министерот за информатичко општество Азир Алиу имаат право да се обратат пред пратениците.





