Нови милиони евра за решавање на стари проблеми. Владата допрва ќе распишува тендер за компанија која ќе расчистува свлечишта на патот Кичево-Охрид. Како што објави Алфа, ова е најновиот изговор на власта, зошто и по 10 години, автопатот Кичево-Охрид не е изграден.

- Дали чуствувате одговорност, откако екс-премиерот Ковачевски Ви порача да станете и да ветите дека во јануари ќе се вози по овој автопат? – Проблемите се проектантски и технички, од тој аспект, секој оној кој ќе се најде на позицијата министер, директор на ЈПДП, треба да седне со професорите, со деканот на градежен факултет и да ги решава овие проблеми. Од проблемите не бегаме и како што гледате, сите овие проблеми кои што се настани, денеска сме овде да ги предочиме пред јавноста и вас новинарите. – Изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Тој вели дека не чуствува одговорност, бидејќи не бил нивни пропуст. За изградба се пробиени сите рокови, иако власта вети дека по овој пат, во јануари 2024 ќе возат автомобили.

- „Затоа Благоја еве го тука, стани Благоја да те видат сите, дајте му поддршка, затоа што јануари 2024 година, по тој пат мора да се вози со автомобили, од Кичево, до Охрид“ – Истакна Ковачевски на партиски собир во ноември, 2022та.
Инжинерите, геолозите и градежниците кои работат на патот, појаснуваат дека се појавиле 13 свлечишта и оштетиле дел од патот, но, без јасно образложение, зошто тоа не било предвидено и превенирано.
- „Ваквите проекти, како што се вакви автопатски делници, во вакви тешки и сложени предели, се секогаш предизвик за секој, и за проектантот и за надзорот, и за изведувачот. Треба да дефинираме две работи. Изградба на автопат во поле и изградба на автопат во вакви услови е сосема различна работа“ – Појасни Бранко Волчевски од надзорот за изградба на автопатот.
Институциите со различни сфаќања за тоа, дали и уште колку пари ќе бидат потребни од буџетот за да се доврши патот. Од ЈПДП велат дека се уште не знаат уште колку пари дополнително ќе треба за да се санира новонастанатата состојба. Министерот за транспорт и врски пак, Бочварски е уверен дека предвидените, скоро 600тини милиони евра биле доволно. Засега патот Кичево-Охрид е пристапен само со теренски возила. После бројни одложувања и ветување рокови, не се знае кога конечно ќе се вози по овој автопат.





