Законите и договорите со „стратешките инвеститори“, кои веќе се пред пратениците, ја разбрануваа македонската јавноста. За едни треба да ја подобри нашата енергетска стабилност, но за други, напротив не бутка во енергетска зависност, која ќе резултира со уште повисоки цени на струјата, објави Фактор. По бурните реакции побаравме став и од истакнатиот професор Ристо В. Филкоски од Машинскиот факултет од УКИМ за предностите и маните од најавените проекти, кој за Фактор направи кратка анализа на најавените инвестиции. Филкоски за Фактор истакнува дека „со давањето повластици на странски „инвеститори“ ни случајно не се решава прашањето на сигурно снабдување на земјата со енергија“.

– Одреден број години наназад се одвива процес на сериозно разградување на енергетскиот сектор во Македонија. Дали е тоа случајно, од незнаење и негрижа, поради немање поим за сложеноста на енергетиката или намерно, поради различни причини (лукративни, злонамерни, со цел да се уништи производството и потоа да се остварува профит со увоз на електрична енергија и други причини), не би можел да тврдам, затоа што немам доволно релевантни параметри за оценка. Како што обично бидува, најверојатно станува збор за комбинација од едното и другото. Многупати сме повториле дека секторот енергетика е исклучително комплексен, затоа што има суштинска улога и влијание во сите пори на општеството и од неговата стабилност зависи севкупниот општествен развој, започнувајќи од секојдневниот квалитет на животот, функционирањето на индустријата, земјоделието, комерцијалните дејности, јавниот сектор и сите други области од човековото битисување. Поради тоа, истиот не трпи импровизации и решенија од денес за утре – посочува професрот.

ИНВЕСТИТОРИТЕ ДОАЃААТ ДА НАПРАВАТ ПРОФИТ, НЕ ЕНЕРГЕТСКА СТАБИЛНОСТ
Потоа нагласува „дека со давањето секаков вид повластици на странски „инвеститори“ ни случајно не се решава прашањето на сигурно снабдување на земјата со енергија“.
– Суштинските правила на стратешкото планирање во енергетскиот сектор, за неколку столбови мора да се води сметка се: енергетска безбедност, намалување на енергетската сиромаштија кај населението, релативна независност и ефикасност (квалитет) во снабдувањето со енергија по прифатлива цена и одржливост на енергетскиот систем од технички, економски и еколошки аспект. Веднаш да расчистиме, т.н. „инвеститори“ не доаѓаат во Македонија за да исполнат кое и да било од претходните барања, туку за да остварат профит – укажува Филкоски.
Професорот објаснува дека кога се зборува за градба на фотоволтаични централи или ветропаркови, доколку се проследени со давање квалитетно земјиште и пратечка инфраструктура под исклучително поволни услови за т.н. инвеститори, тука воопшто тешко може да стане збор за некаква директна придобивка од таквите „инвестиции“.

– Имено, тука речиси и нема домашно учество во производството на компонентите, а при инсталирањето домашното учество е минимално, додека нови вработувања има многу малку. Освен тоа, учеството на таквите електроцентрали во енергетскиот биланс е мало, речиси занемарливо и служи само за богатење на поединци, кое, секако, го плаќа народот преку повисоките сметки. Малку се подобрува ситуацијата доколку на „инвеститорот“ му се наметне обврска фотоволтаичната централа да ја опреми со соодветен батериски систем за складирање електрична енергија, што ќе ги зголеми трошоците на „инвеститорт“ и ќе му го намали профитот – прецизира Филкоски.
Тој посочува дека и покрај новте инвестиции „проблемот останува дома“. Имено, како што објаснува професроот, базичното снабдување со електрична енергија по прифатлива цена за населението и понатаму ќе остане обврска на АД ЕСМ како државна компанија за производство на електрична, а од неодамна и на топлинска енергија, со сите грамадни тешкотии што ја следат поради недоволното инвестирање за одржување на старите и изградба на нови капацитети. Понатаму, цената по која АД ЕСМ се задолжува да ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач обично е (значително) пониска од берзанската. Повеќе на Фактор.мк.





