„Пари.мк“: Зошто власта им го отстапува ќарот на „Митилинеос“ и други странци и ја прави РМ енергетски вазал?

„Зошто властите им го отстапуваат ќарот на странците? Зошто државата станува енергетски вазал?“ – прашува аналитичкиот портал „Пари.мк“ во својата анализа, во која се осврнува на когенеративната централа, која треба да ја гради грчки „Митилинеос“



„Пари,мк“ пишува: Законските предлози оценети како „уривачи на домашниот енергетски суверенитет“ се дел од дневниот ред на денешната 140. пленарна собраниска седница, како 27, 28, 29 и 30 точка. И покрај апелите на стручната јавност проследени до секој пратеник поединечно, малку е веројатно дека некој, освен партискиот го слушнал и гласот на совеста. Кабинетот на Ковачевски ги усвои предлозите еден ден пред повлекувањето и отстапувањето на местотот на т.н. техничка влада и технички премиер. Сепак, откако Здружението на инженери на Република Македонија им пишаа на парламентарците, а нивното обраќање беше јавно објавено, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи се обиде да ги дообјасни владните позиции, кои се во целосна спротивност со експертските.

Најголем дел од предупредувањата се однесуваат на когенеративната централа, која грчки „Митилинеос“ треба да ја изгради во Гази Баба, во Железара, на уреден плац. Ќе добие државна помош од 50 милиони евра, а ЕСМ е обврзана да купува најмалку 85 отсто од произведената електрична и топлинска енергија, и тоа по цени повисоки од берзанските, со што Македонија годишно ќе губи 15 до 35 милиони евра. Ќе плаќа и 10 пати повисока маржа, зашто „Митилинеос“ добива загарантирана маржа на годишно ниво од 43,7 милиони евра за електричната енергија и 4,4 милиони евра за топлинската енергија. Плус, државата ќе му плаќа на инвеститорот четири милиони евра годишно за старт на постројката.

Со тоа грчката фирма добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно – ова се фактите, што прецизно ги подреди Здружението на инженери на Република Македонија ИНРМ. Со кои одговорно тврдат „законот е скроен на наша штета“. „Митилинеос“ за 30 години, колку што е рокот на договорот, ќе ќари 1,2 милијарди евра. А, ќе нема никаква одговорност, бидејќи за него нема да важи Законот за јавни набавки, а не потпаѓа ниту во ингеренциите на нашата судска власт.

Под слични услови ќе се реализираат и проектите од останатите три законски предлози – за  стратешкиот инвестиционен проект АИМ Греен ТЕЦХ, кој предвидува изградба на фотоволтаична централа и гасна електрана во Петровец, Могила, Неготино, Илинден, Гевгелија и Кичево; за „Стипион“ – соларен парк во Штип и Свети Николе; за соларна електрична централа во Пехчево. Експертите тврдат – државата има капацитет самата да ги изгради овие објекти кои се од животно значење. А, власта преку Битиќи одговори – не може, парите се потрошени, 400 милиони евра отидоа во кризата. За субвенциии. Помош за граѓаните и за стопанството.

На јавниот владин повик се пријавиле 16 заинтересирани. Зошто странци би аплицирале, ако немаат интерес? За доброто на Македонија? Интересот е во бенефициите, кои носат големи материјални добивки. Таа практика на нашиот простор е присутна одамна – дај им на странците пари и други погодности за да дојдат. Со претстава, во која домаќините стануваат кираџии.

Зошто власта, преку вакви проекти, ги бетонира позициите на државата како енергетски вазал? Од Здружението на инженери се сигурни – државата може сама. Може да го зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Може, ако се сака.