На 7 февруари 1944 година кај селото Биљача, Прешевско, во борба против бугарските фашисти загинува командантот Христијан Тодоровски – Карпош, народен херој на Македонија. Денес се одбележуваат 80 години од смртта на овој борец за македонската државност со непоколеблив револуционерен дух и едно од најпрочуените имиња на македонската народноослободителна борба во Втората светска војна.
Роден е во Куманово на 3 септември 1921 година. Поради неговиот револуционерен дух, бил истеран од средното училиште и не му било допуштено да се запише во ниедно друго средно училиште во тогашното Кралство Југославија. Откако Бугарија ја окупирала Македонија, Карпош веднаш стапува во партизанските редови за борба против бугарските фашисти.
Учество во НОБ
Во 1941 година учествува во прибирање на оружје, растурање на памфлети и дистрибуција на билтенот „Дедо Иван“, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација. Христијан еден од првите борци во Куманово Се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ). Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово.
Откако одредот бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, коj постепeно нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.
На 7 февруари 1944 година во судир со бугарските фашисти, кои биле стационирани во воено-полициско упориште во селото Биљача, Прешевско, ќе загине големиот македонски револуционер Христијан Тодоровски Карпош.
Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мила мамо, давај ме“ и „Горо ле, горо зелена“. Покрај тоа, Ацо Шопов му посветил две песни од својата стихозбирка „Песни“ од 1944 година: „Карпош“ и „Борбата на Дренак“, а го спомнува и во „Марш на Трета македонска бригада“, напишана, исто така, во 1944 година. Една од општините во Скопје, Општина Карпош, го добила името во негова чест.
Извори: „Википедија“ и „Брегалнички.мк“ (3.9.2023)





