„Како по правило, кога Владата сака да истурка на мускули штетен договор за Македонија, секогаш тој се појавува неколку дена пред парламентарни избори. Тоа се случи со претходниот јавен повик за проектот ‘Чебрен’. Сега се врши огромен притисок по кратка постапка да се протурка и еднакво штетниот проект ‘Гасна когенеративна постројка – Митилинеос’, да се донесе закон за државна помош од 50 милиони евра. На некои членови во Владата им е помила некоја друга татковина, а не Македонија. Дали навистина овие проекти со стратегиски партнери – ‘Бехтел и Енка’, ‘Митилинеос’ – се со двојно повисоки вредности на инвестициите, за да можат сегашните партии во Владата да обезбедат коруптивни средства, потребни за парламентарните избори? За да се обезбедат дополнителни 50.000 гласа? На потег е парламентот, дали ќе се свестат пратениците? ДАЛИ ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ НАЈДЕ ЕЛЕМЕНТИ ЗА НЕГОВО АНГАЖИРАЊЕ во овој случај?“ – алармира и повикува енергетскиот експерт проф.д-р Константин Димитров во својата колумна со наслов „Митилинеос’ – на потег е парламентот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Димитров пишува: Сега е огромниот притисок, по кратка постапка, да се протурка еднакво штетниот проект „Гасна когенеративна постројка – Митилинеос“, да се донесе закон за државна помош од 50 милиони евра. Не верувај им на Грците и кога подароци носат! Така рекол еден филозоф уште во античките времиња. Ова е подарок од 50 милиони евра за можниот стратегиски партнер, а не заем. Секој разумен човек ќе се запраша што добива Македонија со овој стратегиски проект. Предност при откупот на произведената енергија, која е нешто поскапа во однос на берзанската цена?!
Дали таа енергија можеме да ја купиме од странство или од други приватни производители во Македонија? Да, и без обврска да им дадеме државна помош. Дали можеме сами да изградиме таква постројка? Да, и ќе нѐ чини двојно поевтино без обврските да плаќаме високи суми следните 30 години, колку што предвидува овој штетен договор. Дали штетата за македонскиот народ е единствено во овие 50 милиони евра подарок на грчкиот стопанственик? Не. Ќе се извлекуваат пари без да има потреба да се произведе и да се употреби предвидената енергија. Елементи од неоколонијална политика, без употреба на сила.
Грчкиот „стратегиски партнер“ ќе ѝ испорача на Македонија фактура за испорачана електрична енергија од 1.500.000 МWhе и 275.000 МWht топлинска енергија во топлификацискиот систем на АД ЕСМ „Енергетика“ и на Град Скопје. Ќе достават фактура за наплата на 275.000 МWht топлинска енергија, а системот на АД ЕСМ „Енергетика“ во последните години има потреба од 58.350 МWht. Да повторам, ќе наплатат 275.000 МWht енергија, а имаме потреба од 58.350 МWht. Ќе ни наплатат 58.350 МWht енергија, без да ја произведат, затоа што нема кој да го прими тоа количество енергија.
Овие потреби денес ги задоволуваат постројките од КОГЕЛ 1 и другата опрема во АД ЕСМ„Енергетика“. Ако и ова мало количество енергија го произведе „Митилинеос“, опремата во „Енергетика“ ќе фаќа пајажина. А вработените се веќе непотребни. Владата турка штетен договор без да ги земе во обѕир енергетските состојби на теренот. СО ПРЕДВИДЕНИОТ ДОГОВОР ЌЕ МОРА ДА СЕ ПЛАТИ ПРЕДВИДЕНОТО ПРОИЗВОДСТВО ОД 275.000 МWht ПРИ ПРОЕКТИРАНА МОЌНОСТ НА ПОСТРОЈКАТА ОД МИНИМУМ 90 MWt. За да биде појасен овој технички јазик, ќе се обидам да ја опишам состојбата на народен јазик.
Имате приватен сопствен стан, а државата, со закон, му овозможува на стратегискиот инвеститор да ви внесе во вашиот стан машина за перење алишта. И ви соопштува дека за машината треба да спроведете дополнителна електрична инсталација, довод на вода и одводна канализација и поволни услови за работа. За таа можност за правото на користење на машината за перење на алиштата ќе плаќате само 5 евра (300 денари) секојдневно 365 дена во годината. Може да се обидете да објасните дека не перете алишта секој ден; дека треба да соберете количество од два-три дена за да имате 3-4 кг алишта.
Стратегискиот инвеститор ви вели дека тоа не го интересира, имате можност секој ден да перете и мора да плаќате секој месец по 150 евра. Можеби ќе размислите и ќе дојдете и до мојов заклучок: А дали за мене не е поповолно да земам кредит од банка за 300 евра и за тие пари да си купам сопствена машина?
А ДАЛИ НАШИТЕ ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО ЌЕ СЕ СВЕСТАТ ДЕКА МОЖЕМЕ САМИ ДА СИ ЈА КУПИМЕ ОВАА ПОСТРОЈКА? ДАЛИ ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ НАЈДЕ ЕЛЕМЕНТИ ЗА НЕГОВО АНГАЖИРАЊЕ?





