Професорот и поранешен министер за финансии Трајко Славески реагира за најавата од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за затворање на когенеративната термоенергетска постројка ТЕ-ТО во Скопје и нејзина замена со „Митилиниеос“ од Грција.
„ТОЈ ШТО БОГ РЕШИЛ ДА ГО УНИШТИ, ПРВО МУ ГО ЗЕМА УМОТ (Латинска поговорка) (𝐐𝐔𝐎𝐒 𝐃𝐄𝐔𝐒 𝐕𝐔𝐋𝐓 𝐏𝐄𝐑𝐃𝐄𝐑𝐄, 𝐏𝐑𝐈𝐔𝐒 𝐃𝐄𝐌𝐄𝐍𝐓𝐀𝐓)
Дали сте нормални??!! Ќе го затворале ТЕ-ТО, затоа што бил руска инвестиција, и ќе го заменеле со грчки Митилинеос, кој нашите енергетски експерти го окарактеризираа како ‘втор Чебрен’!
Зошто не ѝ кажете на македонската јавност дека, според Euractiv, во Унгарија работат околу 700 руски компании, од кои стотина биле основани по започнувањето на руско-украинската војна? Исто така, во Германија при крајот на 2022 година работеле 1.713 компании во руска сопственост.
Задача на државните функционери е првенствено да се грижат за заштита на интересите на сопствената држава (доколку како таква ја чувствуваат), а не да спроведуваат туѓи агенди на штета на виталните интереси на нашите граѓани“, вели на Твитер претседавачот со Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Централата Те-То ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе започне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од нив“, изјави Битиќи на денешниот брифинг со новинарите.
Според него, ТЕ-ТО треба да се затвори од „стратешко-безбедносни причини“, и покрај тоа што таа многу помогна со своето работење за време на енергетската криза.






