Владата и тајните служби не смеат да го заменат судот во прогон на луѓе од ,,Црната листа” на САД

Во колумна за Трилинг професорот по Кривично право Гордан Калајџиев ја уништува позицијата на владата за санкционирање на лица од црни листи на странски држави без пресуда на суд



За Калајџиев тоа е кршење на човековите права.

,,Владата е свесна дека борбата со криминалот и корупцијата е веќе солидно уредена во домашното и меѓународното право, но наводно верува дека со законските измени ќе придонесе за поголема ефикасност во борбата со овие појави, а особено да се поттикне јавното обвинителство ревносно да постапува по сомневањата за висока корупција. Поконкретно, битна цел на Владата наводно е да се обиде да се провоцира брза и енергична реакција на јавното обвинителство и другите надлежни органи врз основа на т.н. црни листи на Владата на САД, сė поактуелни во последно време”, пишува Калајџиев според кого правен основ за мерка со која се ограничуваат човековите права не може да биде правен акт на друга држава (уште помалку некаква „црна листа“, во суштина политичка одлука, донесена без учество на лицето на кое се однесува).

,,Правни акти на друга држава (особено ако со нив се ограничуваат правата на граѓаните) не може да имаат важност без да бидат признаени во согласност со домашното и меѓународното право. Дури и судските пресуди мора прво да се признаат, а еден од условите е тие да се донесени во постапка во присуство на лицето на кое се однесуваат. За да ја прикрие оваа тешкотија, предлагачот ќе завлезе во цела една правна авантура.

Субјекти на постапката
Органи (субјекти) иницијатори на постапката за мерките се МВР, АНБ, АР и УФР кои носат предлог за изрекување или престанок на мерките за што одлука донесува Владата. Како иницијатор, на барање на странска држава, може да се јави и МНР. Од каде Владата ќе црпи обучени кадри за вакви истражни капацитети не е засега јасно, но може да се очекува создавање на нови административни капацитети. Поважно (и поопасно) е што некои од споменатите државни органи не се воошто замислени да се бават со вакви активности, немаат соодветни овластувања за собирање или проверка на тој тип информации бидејќи се специјализирани за други функции и не даваат гаранции за законито постапување и почитување на правата и слободите на граѓаните”, смета професорот Калајџиев за кого посебно се спорни разузнавачките агенции.

,,Заради посебниот начин на нивно делување и спецификите на нивната функција, а особено недостатокот на процесни гаранции за лицата за кои овие собираат податоци, овие служби директно не продуцираат докази заказнената постапка.

Најголем проблем во донесување на мерките е прескокнувањето на судот (јавното обвинителство). Денес судот се смета за главен заштитник на човековите права, а во случајов се засегнати презумпцијата на невиност, правото на мирно уживање на приватната сопственост и политичките права на учество на избори. Сосема непотребно, но и сосема намерно, извршната власт се става над судската заради изразено незадоволство од ефективноста и брзината во постапувањето на судските власти и јавното обвинителство, со што практично се врши отворен удар врз уставниот поредок со кршење на 11 одредби на Уставот”, вели Калајџиев за кого
ставањето на Владата на чело на борбата со корупцијата и организираниот криминал не само што го крши Уставот и меѓународното право со самото тоа што е спротивно на начелото за поделбата на власта и на владеењето на правото, туку е спротивно на сите сознанија за корупцијата.

,,Политичката елита на извршната власт по правило е мотор на корупцијата и впрочем по природата на работите е во најповолна положба да ја злоупотребува власта концентрирана кај неа.

Инаку, одредбите од предлогот што се однесуваат на тоа како ние од друга држава или од ЕУ ќе бараме да воведат рестриктивни мерки (чл. 5 ст. 4) се без основ бидејќи тоа се прави со меѓународен договор, а такво нешто нема, па верувам дека одредбите се ставени за да личи како божем има некаков реципроцитет со другите држави и не е сериозно”, смета Калајџиев.

Во врска со прашањето дали во предлогот има нови инкриминации Калајџиев се плаши дека со предлогот казнивоста арбитретрно се проширува со инкриминирање на т.н. балон концепти или омнибус инкриминации кои не се јасно дефинирани и кријат потенцијална опасност од арбитрерност и злоупотреби на државниот апарат на присилба.

,,Концептот што посебно боде очи е оној на „хибридните закани“, релативно нов концепт применлив во безбедносниот и разузнувачкиот сектор, но би рекле целосно неприфатлив за казненото право засновано врз јасната законска определеност на кривичните дела и на казните одн. санкциите. Казненото право бара предвидливост на поведението со јасно определени дејствија на извршување на кривичните дела и прекршоците. Без тоа казненото право и не би можело да биде морален водич за поведението на поединците (и правните лица). Nulum crimen nula poena sine lege! На ова може да се додаде – нема казна без правична судска постапка”, пишува Калајџиев.

Целата колумна на Трилинг

https://triling.mk/%d0%ba%d0%be%d0%bb%d1%83%d0%bc%d0%bd%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%be%d1%84-%d0%b4-%d1%80-%d0%b3%d0%be%d1%80%d0%b4%d0%b0%d0%bd-%d0%ba%d0%b0%d0%bb%d0%b0%d1%98%d1%9f%d0%b8%d0%b5%d0%b2-%d1%86/