Од утре, среда, (07.02.2024) пунктот за фотографирање за лични документи во ПС Пролет нема да работи без закажување туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година, информираа од МВР.



Трансформацијата се прави со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје.

Од утре во склоп на пунктот во ПС Пролет ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена.

„Ги известуваме граѓаните дека во наредните денови закажувањето на термини за фотографирање за лични документи ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет поради технички причини нема да биде можно во наредните денови.“ велат од МВР.

Проблемот кој настана со издавање на патните исправи денеска ќе се најде и на седница на Владата. Се очекуваат конкретни мерки кои би го забрзале процесот.

По 12-ти февруари старите пасоши ќе бидат неважечки за надворешна употреба согласно Преспанскиот договор.