Александар Јорданов, европратеник од Бугарија и нејзин амбасадор во Скопје од 2001 до 2005 година, во километарска објава на Фејсбук одново се занимава со својата омилена тема „Македонија“, овојпат фалејќи ги македонските граѓани за славењето „бугарски“ херои во химната и на плоштадот во Скопје.
„За пофалба е што Македонците на плоштадот подигнаа многу споменици на познатите бугарски владетели, но и на бугарските револуционери. Се разбира, не спомнуваат дека се Бугари, но ние си знаеме. Доволно е да се споменат статуите на царевите Самуил, Гаврило Радомир и Иван Владислав, на револуционерите Гоце Делчев, Даме Груев, Васил Чакаларов, Христо Узунов, Павел Шатев, Христо Татарчев. Интересно е што војводата Гоце Делчев не само што е Бугарин, туку, како што е познато, никогаш не јавал на коњ. Тоа не го спречило скулпторот да го качи на коњ. Со што и тој покажува дека историската вистина му е туѓа“, пишува Јорданов.
„Тоа што денешните Македонци ги почитуваат бугарските народни херои како Гоце Делчев е за пофалба. Коњот е коњ, личноста е важна. А тој е бугарски револуционер. За пофалба е и тоа што покрај Делчев, во државната химна на Северна Македонија се споменуваат уште двајца Бугари и наши народни херои – Даме Груев и Јане Сандански. Се сеќавам дека, кога ме прашаа во Брисел зошто се опеваат Бугари во химната на таа земја, објаснив дека тоа е бидејќи денешните Македонци немаат свои национални херои. Не ги сметам за херои комунистите, кои тие исто така ги опеваат. И не ги сметам за луѓе, зашто убиваа Бугари.
Ниту Питу Гули, кој се споменува и во македонската химна, не е Македонец. Тој е од влашко семејство и исто така е бугарски револуционер“, продолжува ексамбасадорот во своето писание пред да ја елаборира тезата дека денешните Македонци ги измислила Москва, опишувајќи го главниот град на Русија како „престолнина на светското зло“!
„Си спомнувам. Овие Белгијци се опасни. Тие продолжија да прашуваат зошто Македонците немаат свои национални херои. Се сетив што им одговорив. Им одговорив дека е така бидејќи во времето кога се родија такви херои, т.е. во периодот на борбите за национално ослободување, народот што ги водел овие борби во Македонија бил бугарскиот народ. Луѓето тогаш се самоопределувале како македонски Бугари.
Така како што во Добруџа Бугарите биле добруџански, во Тракија – тракиски, а во Мизија – мизиски Бугари. Особеностите на овие географски области – Македонија, Добруџа, Тракија и Мизија – се одразувале во покуќнината, јазичните особености, во песните и народните ора, но тоа не го промени нивниот бугарски етнички и национален карактер. Луѓето се самоидентификуваа како Бугари. Во оваа смисла, како што Баварците се Германци, Македонците се Бугари. Имало бугарски народ и, соодветно на тоа, тој си имал свои херои на целата територија каде што живеел.
Но, бидејќи на почетокот ја спомнав доктрината на македонизмот, треба да појаснам дека концептот ‘македонска нација’ е фабрикуван во Москва, главниот град на светското зло, во земја која повеќе не постои – СССР.
Факт е дека го нема Советскиот сојуз, ја нема ни поранешната југословенска федерација, која со децении не им даваше слобода и независност на денешните Македонци, ги репресираше македонските Бугари, но обидите да се промовира македонска нација не престануваат, како и уште поглупавите обиди за фалсификување на бугарското културно и историско наследство во Северна Македонија. Како и да е, им благодарам на сите македонски граѓани кои ги почитуваат бугарските народни херои во нивната химна! ‘Проект 2014’ ме нервира чисто естетски, но убаво е што денешните Македонци им подигнаа споменици на бугарските национални херои. Јас го свртев вниманието на ова во Брисел и повторно ќе го свртам. Ветувам“, порача Јорданов на крајот од својата објава на Фејсбук.






