„Претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, вечерва одржа митинг во неговиот град Гостивар, каде во текот на денот имаше и закани по неговиот живот. Тој кажа дека не разбира зошто некои функционери на Алијансата за Албанците сакаат по секоја цена да ја одржат ДУИ на власт.“ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
„Журнал“ пишува: „Како претседател на партијата имам право да го изразам своето мислење, да кажам што е најдобро за Албанците, да го вратам кредибилитетот на партијата. Но, наидов на нервоза кај некои членови на партијата, кои се и функционери. Не знам зошто ѝ се понудија на ДУИ и зошто по секоја цена сакаат да ја одржат ДУИ на власт.“ – рече Таравари.
Тој додаде дека сега повеќе од кога било е убеден во патот што го избрале: да ѝ се приклучат на албанската опозиција. Како што кажа, тој го констатирал тоа на средбата со сите ограноци на партијата, говорејќи на состанокот на Претседателството на АА пред еден месец, но пред се и со граѓаните, кои сакаат промена.
„Знаев дека гласот на народот е за соработка со опозицијата, зборувајќи со шефовите на ограноците, говорејќи на состанокот на Претседателството пред еден месец. Но сега кога ја гледам поддршката од населението, сигурен сум дека мора да продолжиме по овој пат вака и колку е можно побргу да им ја донесеме промената на Албанците. Знам дека сега ќе ме дискредитираат како човек, но се радувам, бидејќи го имам народот со мене. Сега е најпотребно да им ја донесеме промената на Албанците и верувам дека на 8 мај заедно ќе славиме. Седумдесет проценти од пратениците позитивно одговорија на моето барање за соработка со опозицијата.“ – изјави Арбен Таравари, лидерот на Алијансата на Албанците на вечерашниот собир со членовите, активистите и симпатизерите на неговата партија во Гостивар.





