Алсат: Продолжуваат поделбите во АА – членови на партијата и на структурите се изјаснуваат за страната на Таравари, или на Села

„Продолжија и денес изјавите на членови на оваа партија, или на нејзините структури, во корист на едната, или на другата страна во Алијансата за Албанците. Членовите на ограноците во Ченто, Чаир, Чучер Сандево, Арачиново, Куманово, Липково, Сарај, Тетово, Кичево, Гостивар, Долнени, Зелениково и други населени места се потпишаа на петицијата за поддршка на идејата на лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, за, како што рече тој, потребата од промени. Што значи, предизборна коалиција со албанската опозиција.“ – објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Продолжуваат поделбите во АА“.



Алсат пишува: Таравари на општествените мрежи објави и изјава од членовите на Академијата на оваа партија во знак на поддршка. „Сега кога * Македонија оди кон нови избори имаме неповторлива можност за сигурна и голема политичка промена. Консолидацијата на албанската опозиција, поддржана од премиерот на Косово, Албин Курти, е знак на победата на Албанците.“ – се вели во соопштението потпишано од Халил Снопче, Агрон Рустеми, Арбен Фетаи, Ариф Селмани, Азир Алиу и други.

Азир Алиу е еден од двајцата министри, кои се огласија со поддршка на Таравари. Тој и министерот за здравство Фатмир Меџити се очекува да се соочат со последици, поради поддршката на партискиот лидер Таравари. Мерки на одговорност кон нив најави и првиот човек на Централното собрание на АА Зијадин Села во настапот пред медиумите. Запрашани денеска во врска со можноста да бидат разрешени, министрите Алиу и Меџити избраа да не коментираат.

Во сабота на Централното собрание се очекува Алијансата за Албанците да расправа за одговорноста на лидерот Арбен Таравари. Откако Таравари јавно ги повика партиските органи да се определат за промени, од дел од функционерите беше обвинет дека ги саботира органите, оти не ги информирал за понудите за коалиции и дека не ја следи процедурата според статутот.

Статутот на Алијансата за Албанците предвидува дека претседателот на партијата се разрешува од Конгресот со гласовите на две третини од присутните делегати на Конгресот. Иницијатива за престанок на мандатот на претседателот покренуваат две третини од составот на партиското Собрание. Централното собрание на АА има вкупно 133 членови. Таравари тврди дека има поддршка од 80 од нив.