„Колку во секојдневното живеење, особено на политички план, ги живееме Гоце и неговите идеали? Колку македонството ни тече низ вените и колку неговиот пример е вдахновение за оние, што денес би биле вождови?“ – прашува универзитетската професорка д-р Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „Гоце радикалот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, натаму Ванковска пишува: Гоце најверојатно би се срамел од оваа држава и од она, во што се претворивме. Токму кога ќе помислиме дека дното е допрено, во која било област, а подолу, оп! Уште една дупка. Пример? Токму се израдувавме за поништувањето на штетниот тендер за Чебрен“, a веќе на хоризонтот се појави најновата штетна зделка на Владата, чија единствена цел треба да биде организирање парламентарни и претседателски избори. Но таа набрзина сака да протурка нов штетен договор во четири очи за гасната централа на грчкиот „Митилинеос“. Со државни стимулации.
Зошто го заборавивме Гоце? Зошто ги изневеривме неговите идеали? Зошто наменски се вади од ракав, кога треба да се пројави патриотизам по одреден повод? Во остатокот од времето се однесуваат како најголеми душмани на сè македонско. Најтешкото прашање, кое вреска, чекајќи одговор е: има ли чаре? Симболиката на Гоце е во одржувањето на огнот на борбата за самостојност со сопствени сили, без страв од моќните и „сојузниците“.
Некои ќе ме потсетат дека Гоце и неговото водење на револуционерната организација е најзначајно во неговото доближување до „обичниот“ селанец и сиромашниот човек, неговото сфаќање дека нема ослободување на Македонија без народно движење. Авангардата колку и да е значајна во будењето и ширењето на идеите, чинот на ослободување мора да биде народно дело. А тоа бара жртва. Поточно, саможртва! Подготвеност да излезеш од удобната зона, да се активираш и по цена да си го загубиш не само мирот, туку и животот ако затреба.
Се лажете, ако мислите дека денес тоа е прекумерна констатација и оти никој не мора да гине. Денес „гинењето“ може да биде симболичко, со „меки“ средства. Како на пример станување неличност, цензурирање секоја непогодна мисла, парола, идеја или идеологија. Некому ќе му се види прекумерна оваа споредба, но со Преспанскиот договор сите ние станавме неличности, т.е. „испаривме“ од историјата и сегашноста, нè лишија од идентитет, човечност и постоење – не само нас денешните туку и предците. Вклучувајќи го и Гоце, ако почне да пречи, или ако не се побугари.
Сфаќаме ли ние колку е уривачка помислата на херој и великан од таков вид како Гоце, во време кога историската одговорност треба да се преземе од некои „нови момчиња“? Токму оние ребрендираните и културните, фините, европеизираните и високоучените први ќе ги означат како „радикални“ и како диво месо што треба да се отстрани на патот кон ЕУ. Пред некој ден во едно интервју пратеничка и професор и пратеничка кажа, парафразирам: „Суштината на парламентарната демократија е радикалните партии да се маргинализираат“, односно идејата е да се прават предизборни коалиции со умерени партии , кои имаат „голема коалициска моќ“!?!
Така, политиката навистина станува дипломатија, умешност на можното, односно убивање на сè, што не се вклопува во „умереното“, односно во центарот, кој нема ни идеолошки погледи ни политики. Убедена сум дека во конкретниот разговор мислата беше свртена кон радикализмот на ДУИ, но ваквата констатација и разбирање на политиката отвораат можности за поширока демонизација на сè, што е радикално.
Кога денес Гоце би станал и би нè соочил со нашиот срамен живот и положба, тој би бил радикал. Тој би бил маргинализиран, зашто би немал „коалициска моќ“. Дури и пречестото повторување на неговата мисла за светот како поле за културен натпревар меѓу народите е повеќе во духот на „умереното“, отколку на „радикалното“. Гоце немаше да ги чита европските договори небаре свети книги по кои чекори ЕУ, а кои не се разбирливи дури ни за образованите Европејци.
Гоце е симбол на немоќниот Давид, кој со чатал се бори со моќниот Голијат – и победува. Освен ако живите по него не го заборават и ако не го сведат на фолклор. Најважно од сè, Гоце ќе се обидуваше да го разбуди Македонецот и да му влее самодоверба дека неговата судбина и слобода зависат од неговата подготвеност да се саможртвува за Македонија, а не за некакви сојузници и геостратегиски цели.





