Расте бројот на загинати по украинското гранатирање на пекара во Лисичанск

Најмалку 28 лица загинаа во нападите на украинските сили врз градот Лисичанск, кој е под контрола на Русија од 2022 година, се вели во соопштението што го објави руското Министерство за вонредни ситуации.



Во вчерашниот напад, во кој беше погодена пекара во градот Лисичанск во областа Луганск, загина и едно дете.

„Продолжуваат операциите за пребарување на местото на урнатата пекара. За жал, 28 лица загинаа, меѓу кои и едно дете“, соопшти руското Министерство на Телеграм.

Прорускиот гувернер на Луганск, Леонид Пашечник, ги обвини украинските сили дека нападнале пекара за која рече дека е позната по тоа што има свеж леб дури и за време на викендите.

Лисичанск имал околу 111.000 жители пред рускиот напад врз Украина. Руските сили ја презедоа контролата врз градот во летото 2022 година, неколку месеци по почетокот на инвазијата на Украина.