„Гоце и многубројните комити и борци сѐ дадоа за слободата на татковината, а што даваме ние? Љубовта кон татковината се потврдува само со дела, крајно време е да видиме дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со свето име.“ – порача Стефан, архиепископот Охридски и Македонски и поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), денес на чествувањето на 152 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Тој чиноначалствуваше со панихидата за Гоце во сослужение на повеќемина свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
„Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољуби, подготвени да ги бранат неговите аманети.“ – нагласи на ова чествување Стефан, архиепископот Охридски и Македонски и поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)





