Утре, во галеријата на Младинскиот културен центар, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Над бескрајот на стените“ на Зоран Лазаревски (1949 г.), кој дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1975 година, во класата на Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика.
Лазаревски е член на ДЛУМ од 1976 година.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата „графика на Белградскиот круг“ 1976 година, признание на „Ликовни средби“ во Суботица истата година, откупна награда на Музејот на современата уметност, „Млада генерација 77“, „ДЛУМ-цртеж“ во 1992 година.
Учесник е на првите изложби на Зимскиот салон на ДЛУМ и претставник на редакцијата „Нова Македонија“ за доделување на наградата на весникот на сите графички триенала во Битола.
Од 1975 до 2013 година е ликовен уредник на весникот и добитник е на специјална награда по повод 60 години „Нова Македонија“ за дизајн-опрема на весници, книги, монографии, плакати, брошури и секаков вид дизајн.






