Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека протестите што се одржаа вчера во Атина, се дел од јавната политичка дебата која се одвива во различни форми и дека претставуваат демократски загарантирано право ако се мирни и ненасилни, но оти тоа не треба да влијае на процесот за решавање на прашањето за името.
– Никогаш не сме сметале дека ова е лесно прашање и дека ќе се реши без никакви предизвици на патот. Тоа што е важно е дека имаме влади кои се определени да најдат решение. Тие треба да останат мирни и истрајни во изнаоѓање на решението, независно од предизвиците со кои ќе се соочиме на патот. Сега е време на носење праведни одлуки, а не лесни одлуки -рече Османи пред работниот појадок со амбасадорите на земјите од Западен Балкан.
Османи потенцираше и дека процесот на решавање на спорот за името треба да продолжи според предвидена агенда.





