А по Чебрен – нов Чебрен Митилинеос

Сведоци сме на безмилосно уништување на енергетскиот сектор на Македонија. Тоа не е случајно, туку систематско. А суверенитетот на една држава е составен од неколку основни столбови: владеење врз територијата и нејзина ефикасна заштита (армијата), снабдување со вода, снабдување со храна и снабдување со енергија. Постапките на владите во последниве години како да се свесно насочени кон уништување на секторот на енергетиката.



Сведоци сме на безмилосно уништување на енергетскиот сектор на Македонија. Тоа не е случајно, туку систематско. А суверенитетот на една држава е составен од неколку основни столбови: владеење врз територијата и нејзина ефикасна заштита (армијата), снабдување со вода, снабдување со храна и снабдување со енергија. Постапките на владите во последниве години како да се свесно насочени кон уништување на секторот на енергетиката.

Се понижуваат техничките факултети, затоа што Владата нема верба во потенцијалот на инженерите што произлегуваат од овие институции. И затоа редовно бара „стратегиски партнер“ однадвор, кој би ги презел одговорноста и изградбата. За двојно повисока сума од реалната. А велат Македонија нема пари! Без да трепнеме се издвојуваат 250 милиони евра за автопат што сѐ уште не е ниту почнат. Најчесто многумина ќе помислат дека тука основна движечка сила е коруптивната добивка на учесниците во подготовката на јавните повици и потпишување на договорот. Како во криминалните филмови каде што се посочува: „Следи ја трагата на парите и ќе ги најдеш мотивот и криминалецот“. Јас не верувам дека е така, затоа што членовите на Владата се заколнаа дека ќе му служат на народот!

За да биде појасно за читателите, со изградбата на приватни постројки за производство на електрична енергија на тлото на Македонија, не значи дека го решаваме сопствениот проблем за суверено обезбедување енергија за потребите на стопанството и сите граѓани. Обврската на државната компанија за производство на електрична енергија АД ЕСМ е да обезбеди доволно количество електрична енергија, со стандарден квалитет и со НАЈНИСКА ЦЕНА за потрошувачите. Прва задача да обезбеди сопствено производство, а не да купува со цени дефинирани на берза од увоз или од приватни производители лоцирани во Македонија. Цената е секогаш берзанска. За споредба: домашната вредност на електричната енергија со која му се продава на универзалниот снабдувач е 57 евра/MWh. Ако купуваме електрична енергија од берзата, таа е променлива, но просечно е на ниво од околу 120 евра/MWh.

Од оваа причина, кога ќе се пофали Владата дека има „стратегиски проект“ со јавно-приватно партнерство со стратегиски партнер, треба да се разбере дека за време на концесијата стопанството и граѓаните ќе плаќаат долг временски период висока цена на електричната енергија. Со проектот „Чебрен“ се навести таква „инвестиција“ од една милијарда евра. Се погази суверенитетот во секторот водостопанство и енергетика. А сопственик на проектот требаше да биде грчкото електростопанство (PPC). Поради оправдан сомнеж за коруптивни елементи во подготовката на тендерот и договорот, овој проект е затворен. Но останува отворено барањето до јавното обвинителство, од група техничка и општествена интелигенција да се истражи целиот процес.

А по авантурата „Чебрен“ на маса е договорот за „стратегиска инвестиција“ (повторно со инвеститор од Грција) Митилинеос. Концесија на 30 години. Ние доделуваме земјиште, оформуваме „енергетска зона“ од 120 до 130 хектари, обезбедуваме приклучоци до границата на зоната (во просторот на Железарница Скопје) за електрична енергија, сообраќајници, природен гас, вода, канализација…

Инвеститорот, Митилинеос, треба да изгради когенеративна постројка со капацитет од 130 MWe и енергија за топлификација 90 MWth. Проценетата вредност на инвестицијата е 290 милиони евра. Во светски рамки, инвестицијата НЕ СМЕЕ ДА НАДМИНЕ 130 милиони евра. Имаме примери од соседството за такви реализирани постројки. Дали има коруптивни елементи? Јас не верувам, затоа што членовите на Владата се заколнаа дека ќе му служат на народот!

За да му посакаме добредојде на овој стартегиски инвеститор е подготвен Закон за државна помош во износ од 50 милиони евра. Наши пари, собрани од граѓаните, му се доделуваат како стимулација. Дали некој може да помисли дека овде има елементи за сомневање за корупција? Јас не верувам, затоа што членовите на Владата се заколнаа дека ќе му служат на народот!

Кои се придобивките на граѓаните во Македонија, особено во Скопје, со изградбата на оваа постројка? Ќе купуваме електрична и топлинска енергија со гарантирано количество и со пазарна цена (а можеби и малку поскапо). Ако не ја преземеме од редица причини (перфектно наброени во договорот), пак ќе му платиме како да ја произвел и испорачал.

За да биде јасно колку треба да му платиме на овој стратегиски партнер на годишно ниво и за време на периодот за концесија, основната пресметка за споредба е цената на АД ЕСМ и просечната пазарна цена: На годишно ниво, како разлика во цените е сумата од 94 милиони евра. За 30 години, таа разлика е речиси три милијарди евра (2.825 милиони). Timeo danaos ed porta ferentes!

Дополнителна придобивка е зголемувањето на емисијата на јаглен двооксид. Ама веќе сме навикнати на оваа состојба.

По потпишувањето на договорот со Грција, со кое е извршено предавство на националните интереси, забрзано (пред време) се спроведуваат сите преземени обврски од наша страна (промена на името на државата, на парите, личните документи, имињата на институциите, знакот на сонцето од Кутлеш…). А стратегискиот партнер, Грција, не помрднува ни со прст да ги оствари своите обврски. А договорот е асиметричен, исто како и договорот со Бугарија – целосно на наша штета.

 

Целата колумна на Проф. д-р Константин Димитров за Нова Македонија на следниот линк:

А по Чебрен – нов Чебрен Митилинеос