Граѓаните кои се надвор од државата, а кои имаат пасош со Република Македонија, треба да бидат во комуникација со Министерството за надворешни работи за да добијат насоки како по 12 февруари ќе може да се вратат во земјата.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека граѓаните треба да бидат во комуникација со дипломатско-конзуларните претставништва.
„Во Министерството за надворешни работи има отворено 24-часовна телефонска линија и дежурна екипа во Министерството ги прифаќа тие повици.
Нека се јават, ние ќе ги упатиме, ќе им кажеме што треба да направат за да можат да се вратат. Такви повици веќе има, но очекуваме да се зголемат како што се приближува рокот“, информираше министерот Бујар Османи во гостување на ТВ21.
Тој потврди дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат и, како што рече, Грција ги информирала сите држави дека тој пасош е неважечки.





