Секој ден Скопје е меѓу првите градови во светот по загаден воздух. Надлежните молчат, никој не презема ништо, граѓаните дишат отров а единствена мерка на Град Скопје е бесплатниот јавен превоз во денови на енормна загаденост. Превозот кој и онака е нередовен. На ова реагираат од Зелен хуман град.
– Па очигледно сме полуделе доколку мислиме дека тоа е решението на овој проблем што во наредните 10 години ќе одземе 123.500 животи во Македонија! Во Скопје, тоа се 61.750 животи, колку што има жители во Општина Карпош. И тоа Град Скопје планира да го реши со бесплатен јавен превоз кога е загадено? – праша тој.
ЗХГ достави уште пред една година листа на предлози, истите повторнo и во ноември биле доставени, но Град Скопје не е заинтересиран за да го направи своето во заштита на животната средина.
– Потрагична да биде целата ситуација, дофрлањата од советниците приврзани со градоначалничката и советниците на СДСМ дека мерките не биле применливи или комплицирани покажува колку овој совет и град не сака да верува на науката и студиите за решавање на проблемот со загадување, рече Јовановски.
Околу полноќ смрдеше воздухот во Скопје, а на листата на Еврижуал се најде на седмото место според аерозагаденоста. Уште полошо беше во Струмица, а најзагаден воздух се дишеше во Кичево, покажа интернет страницата waqi.info. A токму во Кичево завчера беа укинати мерките што три дена пред тоа беа воведени од Министерството за животна средина поради „надминатиот праг на аерозагаденоста со ПМ10 честичките“.





