Никовски: Треба да се извести Грција дека не можат да се променат документите на граѓаните до рокот – Бујар саботира!

„Наместо Македонија да се обрати до Грција со дипломатска нота и да ја извести дека не е во можност да ја исполни обврската за рокот за замена на личните документи на граѓаните, сврзано со промената на името на државата од договорот од Нивици, тоа е барано лично од грчката амбасадорка. Колку е тоа глупаво и бесмислено! Треба секој сам да донесува одлуки според сопствените интереси, без да прашува непотребно во врска со нашава ситуација околу личните документи, поради катастрофалниот договор од Нивици.“ – вели политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор Ристо Никовски во својата колумна со наслов „Само нота за пасошите и ништо друго“, која ја објави информативниот портал „Плусинфо“.



Покрај другото, Никовски натаму пишува: Новиот министер за внатрешни работи Тошковски веднаш штом ја презеде функцијата се обиде да побара решение за проблемот, свесен дека причината лежи во Нивици, а од другата страна е – Грција. Потегот е логичен, а на новиот министер не мора да му се јасни сите детали бидејќи проблемот е надворешно – политички, а не внатрешно – политички, ама последиците се во неговиот ресор.

Во ситуација кога министерот за надворешни работи Бујар Османи, не презема ништо, за што мора и да одговара бидејќи тоа личи и на некаква саботажа, новиот министер оправдано се ангажира. Нему треба да му одадеме и признание, кога на луѓето, коишто со денови чекаат за нови документи и се малтретирани на крајно неприфатлив и срамен начин – им се извини во име на државата!

Сигурно и Тошковски, како и пред две-три недели, Османи, барал од грчката амбасадорка согласност да се продолжи рокот за замена на нашите лични документи. Дека е тоа бесмислица и наше самопонижување на Тошковски не морало да му биде познато, а неговиот обид заслужува почит. Но, средбата на Османи со амбасадорката е срамна и покажува дека и тој, ама зад него и целото министерство за надворешни работи, кое најверојатно и не било консултирано, презел аматерски чекор, што не ѝ служи на чест на државата.

Што очекувал Османи од грчката амбасадорка? Што можела таа да му одговори? Самото барање на решение директно од грчката страна значи дека се сугерира промена на Нивици кај рокот за нашите лични документи. Освен одбивањето, тие немаат други објективни можности. Треба да си заскитан, за да веруваш дека кој било во Грција ќе може да ти даде било каков позитивен одговор. Промената на било кој дел од договорот претпоставува сосема поинаква  процедура, пред се согласност за такво нешто од двете страни, потоа преговори… Зошто би прифатила Грција такво нешто, што го обезвреднува договорот?

Во сегашната ситуација, единствено ДИПЛОМАТСКО РЕШЕНИЕ е испраќање ДИПЛОМАТСКА НОТА со која официјално, и еднострано, ПРИВРЕМЕНО се суспендира дел од договорот, без да се бара негова промена. Во прашање е виша сила, со објаснување – не можеме да ги оставиме граѓаните без лични документи! Никој нормален тоа не може да го оспори. Толку, и ништо повеќе. И, проблемот е решен.

Со таков потег Грција е ставена пред свршен чин, без никаков маневарски простор. Ако се осмели тоа да го оспори, или да го одбие, тогаш се отвора мал фронт. Ќе им се врати дека нашата позиција е конечна, бидејќи немаме простор за поинакво решение, и ако сакаат поинаква разврска, без меѓусебната согласност, макар и премолчена, можат да се обратат на надлежните меѓународни институции.

И што мислите, ќе одат на суд? Во никој случај. Тоа би траело три, пет… години. И, што? Изгубено време и пари. Ништо друго. Истовремено, ќе се потсетат дека тие ништо не спровеле од Нивици. Трите протоколи, на пример, се уште не ги ратификувале, а морале одамна…

Тука завршува приказната, а ние си тераме по свое, го суспендираме законот, со којшто се прогласени како неважечки важечките лични документи на граѓаните и тие продолжуваат да бидат важечки до нивниот вистински рок. Македонски ујдурми. За верување е дека светот, особено граничните контроли, не сме ги известиле дека нашите важечки пасоши, со вистинското име, престануваат да важат по 12 февруари? Тоа можеме само ние да го сториме. Ако некој не верува во валидноста на оваа постапка, може официјално да се јави во некое од западните министерства за надворешни работи и да бара стручно мислење.