Нема можност да се продолжи примената на старите документи бидејќи грчката страна опстојува на почитување на роковите за примена на договореното, кажа министерот за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски во интервјуто во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител.



Тошковски вчера имаше средба со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, на која тој го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.

Но, според него, амбасадорката била јасна во однос на рокот до кој граѓаните треба да ги заменат патните исправи.

„Амбасадорката јасно си кажа. Ми кажа извинете министер, но договорот стапи на сила на 12.2.2019, пет години истекуваат на 12.2.2024 година, тоа е тоа“, рече министерот за внатрешни работи.

Тошковски исто така додаде дека од страна на амбасадорката му било соопштено дека од нашите институции во повеќе наврати било наговестено дека „нема да го имаме овој проблем којшто го имаме, дека нема да го имаме овој хаос кој се случува и е факт дека е секојдневие и дека ќе се ублажела постапката на издавање на пасоши во иднина заради тоа што веќе се издале еден милион и двеста и педесет илјади“.