Собранието вработува советници, ќе земаат и по 1.000 евра плата

Во Собранието се бараат нови вработени од различни позиции.Во четвртокот, два дена пред да се избере техничката Влада, Парламентот распишал оглас за вработување на 12 државни службеници.
Како што пишува „Фактор” се бараат собраниски државни советници, раководители, помошници раководители, но и обични советници.
Платите не се воопшто лоши, па дел се доближуваат и до 1.000 евра, заедно со другите примања кои следуваат покрај основицата.
Првиот кадар што се бара е собраниски државен советник за безбедносни прашања и безбедносен надзор, со образование од најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен, а во делот на одбрана, безбедносни науки или, пак, правни науки. Овој кадар треба да има и искуство и тоа најмалку шест години работно искуство во струката, од кои најмалку двегодини на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку 10 години работно искуство во струката од кои најмалку три години на раководно работно место во приватен сектор.
Неговата ќе изнесува 56.945 денари.
Согласно годишниот план на институцијата за 2024 година овој советник треба да биде етнички Македонец.
Истиот износ на плата или нето 57 илјади денари ќе зема и собранискиот државен советник за политички систем.



Неговото високо образование кое е неопходно треба да биде од делот на правни науки, политички науки или наука за книжевноста, а во поглед на искуството треба да ги исполнува буквално истите услови за години стаж во струка и на раководни позиции како и неговиот килега, советникот за безбедносниот сектор.
Според својата национална припадност, пак, тој треба да биде Албанец.
Следуваат помошниците. Се бараат двајца помошници раководители на сектор за работни тела на Собранието.Нивната плата ќе биде 48.488 денари, при што едниот од нив треба да биде Македонец, а другиот Албанец.

Се бара и еден помошник раководител на сектор за преведување и толкување, кој треба да има факултет наука за книжевноста, наука за јазикот (Лингвистика), но група албански јазик или психологија и најмалку четири години работно искуство во струката.
И неговата плата е 48 и пол илјади денари, а етнички мора да биде Албанец. За иста плата ќе работи помошник раководителот на сектор за поддршка на националниот совет за евроинтеграции и следење на евроинтеграциите, а тој треба да биде Македонец.
Се бараат и неколку советници за плати од по близу 39 илјади денари.
Целата анализа на :https://faktor.mk/sobranieto-se-polni-so-sovetnici-i-pomoshnici-rakovoditeli—platite-i-ne-se-taka-loshi-stignuvaat-i-do-1000-evra