Арсим Синани, директор на Центар за меѓународни студии и за проучување на Балканот, смета дека она што се случува во Македонија во однос на албанскиот јазик е неприфатливо и оти СДСМ треба да направи многу повеќе за да докаже дека не е координирана со ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонската страна сака да им го ограничи на Албанците природното право да го користат албанскиот јазик. Мислам дека има договор меѓу двете македонски политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, па го охрабрувам премиерот Зоран Заев да продолжи со реформите, но не со инкриминирани луѓе“, е изјавата на Синани што ја пренесуваат медиумите на албански јазик во земјава.
Според него, Македонците не само што не губат ништо со затворање на прашањето за употребата на албанскиот јазик, туку ќе ги зајакнат односите меѓу двете заедници.
„Албанскиот јазик ја стабилизира Македонија, тој ги подобрува односите меѓу Албанците и Македонците. Ако Македонците не сакаат албанскиот јазик да биде официјален, тогаш да одиме на федерализам, бидејќи не можеме да очекуваме од нив постојано да ги утврдуваат нашите права“, порача Синани.
Авторот на книгата „(Не) официјална употреба на албанскиот јазик во Република Македонија“ уште додава дека „ако сакаме Македонија да биде поблиску до ЕУ и НАТО и да биде општество без проблеми, ќе треба да има договор меѓу Македонците и Албанците за еднаш засекогаш да се решат сите проблеми“.





