Келменди: Вревата за Талат како албански премиер е пропаганда, им се продава на Албанците како „победа“, а нема ништо да направи за нив!

„Изборот на Талат Џафери како прв албански премиер на * Македонија беше оценет како историски, но уставниот експерт д-р Мухамет Келменди од Косово вели дека сите такви реакции се само ‘кревање врева’. Според него, тоа е само пропаганда, со цел изборот на Талат да му се продаде на албанскиот народ како ‘победа’.“ – објави косовскиот весник „Бота сот“. Келменди е професор по уставно право и историја на државата на универзитетскиот Колеџ ААБ од Приштина. Неговите ставови весникот ги пренесе во информација со наслов „Врева и ништо друго – Келменди вели за изборот на Талат Џафери како премиер: Имам сомнежи во врска со ова!“.



„Врева, врева и само врева“

„Бота сот“ пишува: Мухамет Келменди укажува дека изборот на Џафери како технички премиер не влијае врз остварувањето на меѓуалбанското обединување. Според него, тоа не е некое големо постигање за албанскиот народ.„Поставувањето на Талат на чело на Владата на * Македонија на 100 дена е работа, која воопшто нема да влијае врз меѓуалбанското обединување. Не е точно дека е тоа големо постигање за албанскиот народ! Во историјата на Албанците има многу случаи кога тие полошо поминале со албански премиер, или со албански претседател,  отколку со претставник од некој друг народ.“ – нагласи Келменди.

Според него, Џафери како технички премиер нема надлежности да донесува крупни одлуки, кои можат да ја променат ситуацијата на Албанците во * Македонија. Покрај другото, оваа „победа“ на Талат професорот Келменди ја спореди со победата на Дритан Абазовиќ, кој кога стана премиер на Црна Гора не постигна никаков резултат за доброто на Албанците во оваа држава.

„Талат Џафери како технички премиер нема надлежности, за да донесува одлуки, кои можат коренито да ја променат ситуацијата. Може да направи подобрувања, но има ограничени можности за промена на ситуацијата. Победата е само формално и таа е доволна како пропаганда да му се продаде на народот како „победа“ и како добар производ.“ – нагласува Келменди.

Според овој уставен експерт, вака беше и со премиерот Дритан Абазовиќ во Црна Гора. „Се крена врева, а во реалноста не се направи ништо за Албанците. Немаше никаква позитивна промена на ниедно поле. Уште повеќе, им беше дадена поддршка на српските сили во Црна Гора и тие сега раководат со неа. Вака ќе биде и во * Македонија, само врева и ништо друго.“ – заклучува професорот Мухамет Келменди.