Во 20 основни и средни училишта во Куманово второто полугодие од учебната година не го продолжиле 131 ученик бидејќи се отпишале, покажуваат податоците на секторот за образование Куманово.



Од училиштата велат дека според нивни информации, учениците со семејствата заминуваат кон западноевропските земји, а значително помал процент се отселени во други општини.

Претходно, алармантно прозвуче веста дека според податоците на општинската Дирекција за образование, второто полугодие од учебната година на територијата на Гостивар започна со околу 200 деца помалку во училишните клупи.

Иселени ученици има и во Штип: 50 ученици од основните и од средните училишта во овој град  не го почнаа второто полугодие во учебната 2023/2024 година поради тоа што заедно со семејствата се преселиле во странство.

Од нив, 26 се средношколци а 24 се ученици од основните училишта.