Полицајците не се поштари!

 

Најавата на МВР дека полицајци на граѓаните ќе им ги носат готовите лични документи на домашна адреса, наиде на реакција од Синдикатот на Полицијата.



Орце Коцевски од Синдикатот на полицијата во Македонија прашува – според кој Закон полициските службеници се должни да ги доставуваат личните карти до домовите на граѓаните како да се поштари, пренесе „Телма“.

Ова е спротивно на членот 13 од Законот за личната карта, оценува Коцевски и го повика новиот министер, да го преиспита случајот.

„Во тој член детално и убаво е напишан начинот на којшто граѓаните треба да си ја подигнат личната карта“ смета Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на Полицијата во Македонија.

Обврската за промена на личните документи произлезе од Преспанскиот договор. Рокот е пет години од влегувањето во сила на уставните измени а истекува на 12 февруари.