Фото на денот: Ивановски втор на полумаратонот во Мајами!

Најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски го освои второто место на полумаратонот во Мајами, на кој официјалниот спикер пред целта го најави дека е од Македонија.



Ивановски ја истрча патеката од 21,097 километри низ улиците на американскиот град за 1:05,17 часа, заостанувајќи 47 секунди зад победникот Соломон Кагимби од Кенија, а победничкиот пиедестал го комплетира Кениецот Лоренс Кипкоеч со време 1:06,05 ч.

„Цел живот сонував да дојдам во САД и да трчам со најдобрите во светот. Патеката беше инспиративна, прекрасна“, изјави за локалниот весник „Мајами хералд“ 26-годишниот македонски рекордер во сите тркачки дисциплини од 1.500 метри до маратон.

Трката се одржа по исклучително жешко време, па поради жолтиот аларм организаторот реши таа да почне рано наутро, а во маратонот, полумаратонот и во трката на 5 км се натпреваруваа над 18 илјади учесници од 75 земји.