Протести пред Фондот за здравствено осигурување. Вработените во оваа институција најавуваат и на генерален штрајк доколку Управниот одбор на Фондот донесе одлука за намалување на платите за 21% за јануари. Управниот одбор заседаваше и одлучуваше по препораката на Владата за усогласување на платите во овој сектор. Но, од Синдикатот на вработените во Фондот најавуваат дека ќе ја намалат работата на шалтерите, нема да има капитациски исплати за матичните лекари, за лекови во аптеките, за плати во јавното здравство, но и за други услуги. Ќе работи само еден човек на шалтер и ќе запрат сите услуги, вели во интервју за МРТ1 Бранко Аџигогов, претседател на синдикат на ФЗО.

„Доколку има штрајк, апсолутно прекинуваат сите неесенцијални функции на ФЗО. Освен по едно лице кое ќе прима документи, останатите вработени воопшто ништо нема да работат. Тоа во превод значи нема никаква исплата за ништо, ниту за капитација за матични лекари, ниту за лекови во аптеки, ниту за плати во јавно здравство итн“, вели Аџигогов, претседател на синдикат на ФЗО.
Од УПОЗ, пак, велат дека Владата препорачала да се намалат платите, иако нема ингеренеции да се меша во работата на Фондот оти тој е самостојна институција. Деановски потсетува дека по 8 месечни преговори успеале да издејствуваат едвај 15% покачување, а сега се бара уште поголемо намалување.

„Имаме доктори, инспектори, фармацевти кои земаат плата од 25 до 27 илјади денари. Тоа е под секое човечко достоинство. Да бидам гласен и јасен, ова барање е од министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој побара, Владата го поддржа да се намалат платите за 21%. Не знам кај ќе му оди душата на тој човек“, вели Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Доколку Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21 процент, тие ќе стапат во штрајк, на шалтерите ќе работи само по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и за другите услуги.





