Верните слуги испраќаат еден за да изберат друг дезертер за премиер, жестоки зборови од собраниската говорница

Во излагање за изборот на техничката влада пратеникот и шеф на Собраниската комисија за надворешна политика Антонио Милошоски порача дека Ковачевски и Маричиќ денеска евтино ја продаваат СДСМ.



,,Еден дезертер си даде оставка, за денес друг дезертер да седне во премиерската фотеља. Ниту оној што стана од фотељата, ниту овој што ќе седне, немаат искрени чувства кон Македонија, и затоа исто како и Ковачевски, најлошиот премиер до сега, не очекувајте ни од Талат да биде подобар и да работи за Македонија да стане успешна држава.

 

Почитувани симпатизери на СДСМ, партијата ДУИ нема толку пратеници, ниту број на гласови за да избере премиер. Денес Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ, и за нивните фотељи, од вашата партија направија привезок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ, заради коруптивни побуди денес Македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава”, порача Милошоски кој смета дека наместо ветената европеизација, денес пратениците од СДСМ, ЛДП и НСДП приредиле една понижувачка ДУИ-изација на државата, ставајќи го на чело на владата Талат, другарот на Рамиз Мерко и на Пуцко Петрол.

,,Талат ќе биде премиер на владата која има:

Историски највисок јавен долг.

Историски највисока инфлација.

Историски најлошо здравство.

Историски најсллабо образование.

Историски најмногу лажни пасоши за нарко-босовите во Македонија и во регионот.
Историски највисока корупција.

– За прв пат од постоењето на ДИК имаме нецелосен состав на ова најбитен државен орган, со одземено право на опозиционите партии Алтернатива и БЕСА да имаат свој член според закон.
Главен и одговорен уредник на оваа незаконитост е Талат Џафери од ДУИ. Спроведувач на сценариото Марија Георгиевска од СДСМ, која ризикува и кривично да одговара заради кршење на деловникот и законите.

Зарем има некој што очекува Талат да работи за фер избори. Не. Затоа, почитувани министри за внатрешни работи и труд и социјала, бидете многу внимателни. Пред вас ќе зборат за Европа и стандарди, зад вас ќе делат поткуп и ќе фалсифукуваат изборни записници за да го намалат поразот што ги очекува. Но, сепак верувам дека народната воља убедливо ќе ги порази и Талат, и Ковачевски, и Артан Груби”, порача Милошоски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да гласаат за оваа влада.

,,Прво затоа што сметаме дека корумпираната ДУИ не го заслужува премиерското место.

Второ, затоа што ова е дел од нашата конечна политичка цел, а тоа е изборна победа и формирање на влада без криминалците од ДУИ.
На 8ми мај народот ќе ги порази и слугите од СДСМ , и Талат и Артан Груби, и на 9ти мај ќе го прославиме денот на победата на Европа и Македонија ќе ја огрее ново сонце на слободата”.