Шест балкански држави во ЕУ до 2025 година!

Европската унија би можела „да поздрави“ шест земји од Западен Балкан до 2025 година, во услови кога очајните лидери во Брисел се обидуваат да го прошират и ревитализираат блокот.



Шефовите на ЕУ во следните седум години планираат да ги поканат Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Албанија.

Во Брисел се надеваат дека шесте нови земји-членки би можеле да помогнат да се зајакне контролата на миграцијата, бидејќи многу мигранти патуваат низ Балканот пред да стигнат до Европа.

Унијата, исто така, во новите земји-членки гледа ефикасен метод за борба против влијанието на Владимир Путин на Балканот и Источна Европа.

Сепак, плановите за најголемо проширување на ЕУ по две децении би можело да тргне наопаку  бидејќи тоа ќе означи значителен пораст на населението (во Унијата – н.з.) без истовремено зголемување на БДП, пишува „Сандеј експрес“.

Европски дипломат кој поддржува проширување за Фајненшнел тајмс изјави: „На некој начин, шесте земји не се аутсајдери, тие се веќе внатре и ни се потребни. Затоа треба да обновиме процесот на проширување без олеснителни отстапки”.

Шесте држави ќе мора да ги исполнат строгите критериуми за справување со корупцијата и решавање на проблемите што излегоа на површина по приемот на поновите членки на блокот како што се Романија и Бугарија во изминатата деценија.