Вишите обвинители Артан Ајро и Јове Цветановски контра основен обвинител, на Апелациониот суд му предложиле да се укинат мерките куќен притвор на осомничените напаѓачи Беким Незири, шеф на огранокот на ДУИ-Чаир и Алмир Рамдедовиќ кој ја кренал рампата на 4 јануари да влезат 6 насилници во М-НАВ, јавува СДК.
Беким Незири и Алмир Рамдедовиќ се осомничени за потешко кривично дело Загрозување на воздушниот сообраќај, за кое предвидената затворска казна е од 5 години нагоре, но тие сепак нема да бидат во притвор.
Откако обезбедувачот на рампата на Македонска навигација (М-НАВ) Алмир Рамдедовиќ ја кренал рампата, без проблем со две возила влегле Беким Незири и уште 6-мина насилници. Со службената (лична) картичка Незири им ги отворил вратите на насилниците во три безбедносни нивоа, вклучувајќи ја и таа во радарската соба за контролирање на летовите.
Насилниците, како што пишува СДК го нашле и го извлекле контролорот додека работел и го истепале затоа што дал поддршка на протестот на колегите од Синдикатот на контролорите на летање.
Апелациониот суд Скопје вчера донел Решенија со кои жалбите на осомничените ги уважил, а решенијата на кривичниот совет на првостепениот суд ги преиначил, со тоа што мерката куќен притвор ја укинал, а ги оставил во сила определените мерки на претпазливост, кои во овој момент претставувале доволна гаранција за обезбедување на присуството на осомничените.
Ајро е еден од обвинителите против кои поранешниот народен правобранител, Фехми Стафа поднесе кривична пријава за конфискацијата на имотот на „Трансмет“, предмет против бизнисменот Сеад Кочан од кого од буџетот требаше да се вратат 17 милиони евра, но не се врати ни денар.
Братот на Ајро кој е командир на струшката полиција беше жртва на свиреп напад во кој за малку остана жив откако жител на струшкото село Велешта се обиде да го заколе пред синот.





