Дека се разговара и дека се прават анализи за можна коалиција СДСМ-ДУИ, потврди вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за „Трилинг“ на ТВ 24.
Вели дека ова е период во кој се прават сите тие анализи и сигурно дека ќе се донесе одлука.
„За мене е многу важно да имаме во тој дел навистина добра понуда за граѓаните која ќе понуди извесност, просперитет и која што ќе понуди остварување на нашите стратешки и национални интереси“, рече тој.
Спасовки потенцираше дека Европскиот пат за Македонија нема алтернатива.
„И колку повеќе е засилено влијанието на Европската унија, колку повеќе работиме на градењето на перцепцијата за тоа што значи Европска унија онака баш пластично кажано пред граѓаните, толку повеќе ќе расте и бројот на граѓани кои што ја поддржуваат оваа идеја.
Така што секое влијание од било кого од надвор мора да се спречи и одлуките мора да бидат оставени на граѓаните и на институциите на државата“, појасни Спасовски.
Министерот рече дека постоењето на руско влијание и влијание кое не ѝ посакува добро на Македонија е факт, одговарајќи на прашање дали е реално руски инсталации да се директно инволвирани во обидите да го попречат македонскиот пат кон Европската унија.





