„Европскиот фронт’ на СДСМ и на ДУИ е параван, обид да се затскријат забеганоста на апсолутната власт, политичките затвореници, злоупотребата на службената должност, сеприсутната корупција, етничкото националистичко дивеење, партизацијата на сите сфери на општеството, арамилакот, разорувањето на институциите, роднинството и сите општествени зла во сиве овие години.“ – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Не, опозицијата не е кочничар на патот кон ЕУ!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Боцевски пишува: Владејачката партија ќе се обиде да ја поларизира јавноста во врска со европската интеграција, да се претстави себеси како предводник на македонскиот пат кон Брисел, а опозицијата како кочничар и скриена рака на некои туѓински интереси. Но, „Европскиот фронт“ ги губи своите европски бои во редиците на граѓаните пред службите за вадење пасоши, во пуштањето насилници да тепаат контролори за летање во М-НАВ, во предложените закони за цвет од марихуана, за игри на среќа, или измените на Кривичниот законик, во набавките во РЕК „Битола“, во зделките во четири очи, во неизградениот автопат кон Охрид и во срамниот договор со „Бехтел и Енка“.
Оттука, опозицијата не е кочничар на европската интеграција. Исто така и отпорот на македонските граѓани против договорот „Ковачевски – Петок“ не е производ на туѓи влијанија, пропаганди и лажни вести, туку легитимна грижа за клучните столбови на македонскиот идентитет, државност и суверенитет.
Меѓутоа, станува нејасно како е можно сè уште во Македонија да се занимаваме со ретроспективна историја, со налудничави толкувања на лесно проверливи историски факти, како и со целосни измислици на непостојни историски настани. Смешни се и бедни обидите за ситни дневнополитички цели да се измени најсовремената и моментната македонска историја.
Во мај годинава македонските граѓани ќе го дадат својот суд за многу прашања, меѓу кои ќе предничи и клучното прашање: кој ќе продолжи да ги води македонските европски интеграции, по кој пат и по која цена? Секако дека и овој пат граѓаните правилно ќе одмерат!





