Ахмети со закана: Ќе оставиме ли после нас Европска, или проруска Македонија, сакаме ли мир, или судир?!

„Утре на 28 јануари е историски ден: ќе го избереме првиот албански премиер на * Македонија. Овој ден ќе биде историски колку за Албанците, толку и за Македонците, како и за сите други, бидејќи стануваме држава и општество на рамноправни и оти ги надминуваме сите предрасуди.“изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети во својата предизборно- пропагандно интонирано обраќање до јавноста на албански јазик преку  фејсбук без превод на македонски јазик.



Ахмети се пофали дека „го оствариле даденото ветување и сонот на Албанците да имаат и прв албански премиер на * Македонија“. Во овој контекст тој изнесе: „Заеднички ќе ја преземеме одговорноста, за да се води земјата не едни зад други, туку едни до други, заедно за Европска Македонија. Првиот албански премиер на * Македонија е уште едно одржано ветување, уште еден остварен сон. Сигурен сум дека нашата земја станува посилна, уште порамноправна, уште пообединета. Но, овде не е крајот, ова е само почетокот. “

Во еден заканувачки тон првиот интегративец нагласи дека „пред нас е одлуката дали сакаме мир, или судир“! „Што ќе сториме утре ќе го одреди животот на генерациите после нас. Дали сакаме да им оставиме на нашите внуки и внуци една Европска Македонија, или една проруска Македонија, една демократска, или една диктаторска земја, дали сакаме да им оставиме мир, или судир? Токму за ова треба да бидеме заедно. Посилни сме кога сме заедно. Првиот албански премиер го направивме заедно, да ја направиме и Европска Македонија заедно.“ – нагласи Ахмети во своето обраќање преку фејсбук-профилот.